ФОТО | Андреас Трајковски го освои 3. место во скок во далечина на Балканијадата во Краљево: “Среќен сум што ѝ донесов медал на Македонија!“

Со скок од 7,75 метри, македонскиот атлетичар, Андреас Трајковски, на Балканијадата во Краљево го освои 3. место во скок во далечина.

Сѐ до последната шеста серија, Андреас Трајковски беше на првото место и на чекор до освојување на златен медал, но српските атлетичари, Страхиња Јованчевиќ (7,89 метри) и Лазар Аниќ (7,78 метри), се најдоа на првите две места, благодарение на нивните најдобри скокови во последната серија.

Андреас Трајковски

Ова е уште еден одличен успех за македонскиот спорт и Андреас Трајковски. Ова е негов втор бронзен медал од Балканијадите, првиот го освои на Балканијадата во сала во 2022 година.

Многу сум среќен поради мојот бронзен медал од Балканското првенство во Краљево, но се надевав дека ќе победам, затоа што бев во водство во првите пет серии. Мојата форма е константна и никогаш досега во кариерата не сум бил вака подготвен. Среќен сум што ѝ донесов медал на Македонија и што покажав дека сум меѓу најдобрите скокачи во Европа. Продолжувам и понатаму со засилено темпо и кон нови успеси и победи“ изјавил Андреас Трајковски по освојувањето на бронзениот медал.

Медалите на најдобрите скокачи им ги додели Европскиот рекордер во скок во далечина, Роберт Емиан.