Манастирот „Свети Јован Крстител“ попознат како Бигорски Манастир, традиционално ги објави десетте најзначајни настани во изминатата 2023 година.
„Работејќи смирено над нивата Господова, со трпение, вера и молитва, ја испрaтивме минатата година со повеќе значајни настани – сведоци на еден добар подвиг, залагање и посветеност, со цел духовно возрастување на Црквата Божја. Од свештени богослуженија до значајни културни собири, секој настан беше празник на духовноста и на заедништвото, сведок на нашата заедничка мисија и соработка во љубовта Христова“, стои меѓу другото го објавата.
Се додава дека под небесна закрила и водство на Свети Јован Крстител, неуморниот заштитник на манастирот, и со благословот на епископ Антаниски г. Партениј, со огромна благодарност и надеж за светлата иднина, го започнувале новото Лето на благоста Господова.
„Се молиме за благословена година, исполнета со духовен раст, љубов и радост во Христа Господа. Ви благодариме што сте дел од нашата поширока заедница и ви посакуваме благословено духовно патување и растење во новата година“, посакуваат од Бигорскиот Манастир.
Прв од десетте најзначајни настани е концертното трожество во Кичево, кој следуваше по божикното литургиско торжество во храмовите и големиот Божиќен концерт во прекрасниот амбиент на Македонската филхармонија.
„Градот Кичево, блесна со посебен сјај, чиниш од секое свое катче ја излеваше божикната радост за сите. Специфичниот и богат византиски мелос на древните божикни и новогодишни каланди, со кои се излеваше голема пофалба за Бога, зазвучи повторно, сега во преполната сала на Центарот за култура, во изведба на бројни талентирани музичари. Меѓу бројните гости на празничниот концерт се најде и нашиот возљубен старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој беше придружуван од многупочитуваниот Митрополит на Аркалохори, Кастели и Вијано, г. Андреј, кој заедно со архимандритот Филотеј и јеромонахот Андреј допатува од Православната Црква во Грција, носејќи го патријаршискиот благослов за благодатно преуспевање во Новото лето Господово“, стои во објавата.
Промоција на документарниот филм за Бигорски во Рим.
Во свечениот амбиент на „Понтификалниот институт за ориентални студии“ во Рим, се одржа проекцијата на документарниот филмот „1000 години – Сведок на Светлината“, посветен на илјадагодишнината на Бигорскиот Манастир, во авторство и режија на Илија Ико Каров. На иницијатива на македонската амбасадорка во Ватикан, Марија Ефремова, а под покровителство на директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, документарецот за Бигорскиот Манастир беше проектиран пред голем број амбасадори и други дипломати од повеќе држави, акредитирани во Светата Столица. Целта на оваа проекција беше запознавање на дипломатскиот кор од повеќе држави во Ватикан со македонското културно и духовно богатство.
Посебно место се отстапува на големи почести, благослови и достоинства од Вселенската Патријаршија
Во денот на свеченото и славно влегување на Спасителот наш Господ Исус Христос во Светиот Град Ерусалим, на овој голем празник – предвесник на триумфот на Животот над смртта, на Доброто над злото, на Љубовта над омразата; празник на чистата и серадосна пофалба кон Господа од непорочните детски усни и од незлобливите срца на возрасните, најсветата Охридска Архиепископија и нашата Свештена бигорска Обител беа удостоени со највисока чест и со свештени достоинства. Со благослов на Неговото Блаженство г. г. Стефан и на надлежниот Митрополит г. Тимотеј, нашите собраќа Кирил и Анатолиј беа ракопроизведени во највисоката титула во Црквата за монашкиот род – Архимандрити на Вселенскиот патријаршиски Престол.
Меѓу десетте најзначајни настани е и Велигденски концерт во Кичево. На голема радост за кичевчани, втора година по ред, тој се одржа во просториите на Центарот за култура во Кичево, во организација на Здружението на млади за заштита на народното и духовно наследство „Митрополит Козма Пречистански“.
Струшката Еордија во најсјаен блесок е следниот настан. Торжествата кои го следат серадосното празненство на Воскресението Христово, со особено ликување ги радуваа срцата на Христијаните не само од земјава, туку и од подалеку. Така, и минатата година традиционалната струшка Еордија, која веќе прерасна во сенароден настан кој собира огромно множество верни, восхитувајќи ги и сплотувајќи ги во еден дух и во една мисла, му оддаде благодарност и почит на големите светињи – моштите на Светиот Георгиј Победоносец од манастирот во Рајчица, неговата древна чудотворна икона, како и Крнинскиот образ на Мајката Божја.
Празничната вечерна богослужба беше отслужена од страна на нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски, г. Тимотеј, од возљубениот ни Старец епископот Антаниски, г. Партениј, а на наша особена радост, учество во празнувањето во Струга за првпат зеде и архиереј од Вселенската Патријаршија, Митрополитот на Имврос и Тенедос г. Кирил, кој допатува на покана од владиката Тимотеј, за да биде негов почесен гостин.
Бигорскиот Манастир беше средиште на еден несекојдневен културно-уметнички настан – детската ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“. Оваа уметничка манифестација беше организирана од претседателката на оваа меѓународна детска ликовна колонија, Елена Хаџи-Антоновска и претседателот на УО на Детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ – Битола, Славчо Неделковски. Стотина млади уметници од 22 земји во светот, со своите штафелаи, четки и палети и пред сè, со својот уметнички талант и младешки творечки дух, го красеа манастирското двориште, пренесувајќи ги на сликарско платно архитектонските и природните убавини на Манастирот, секој преку својата лична естетска перцепција.
Во јуни беше монашкото поклонение во светителородниот Имврос. На овој необичен и волшебен спој на природната убавина и духовното благо, станавме сведоци и ние, браќата од Бигорски и сестрите од Рајчица и Пречиста, откако по благословот на нашиот свет архипастир, Митрополитот на богочуваната Дебарско-кичевска епархија, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, и водени од татковската љубов на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, се удостоивме да се поклониме на дел од светињите на тој чудесен остров, кој, меѓу другото, е татковина на Неговата Сесветост, Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј. Впрочем, Имврос е родното место на бројни Христови архиереи, монаси, светии и служители Божји.
Именденско празнување на Сесветиот Вселенски Патријарх во Манастирот на Живоприемниот Источник – Балаклија
Пестолнината на Православието, главниот град на некогашната славна Византиска Империја, Константинопол, повторно беше средоточие во кое притекнаа стотици верни, за да бидат дел од прославата на споменот на Светите Апостоли Вартоломеј и Варнава и именденот на Неговата Божествена Сесветост, Архиепископот на Константинопол – Нов Рим и Вселенски Патријарх г. г. Вартоломеј. На ова празнично торжество, со благослов на нашиот почитуван надлежен Митрополит г. Тимотеј, му се придружија и нашите монашки заедници од манастирите: Бигорски, Рајчица и Пречиста, предводени од возљубениот ни Старец, Епископот Антаниски г. Партениј. Огромна е нашата благодарност што, по втор пат, после одлуката на Вселенскиот Патријарх да ја врати Охридската Архиепископија во канонско единство со целата православна полнота, можевме да бидеме дел од оваа вселенска радост. Со посебна љубов ги причисливме нашите молитви кон соборот на верните и оддадовме почит, изразувајќи ја нашата синовска љубов и благодарност кон Таткото на Православните, честитајќи му го неговиот именден.
Посебен белег остави Филхармониски концерт во Бигорски каде триесетина млади благочестиви и уметнички души од Република Грција, кои допатуваа за поклонат на големата Бигорска светиња, приредија едно несекојдневно и топло музичко доживување. Станува збор за младинскиот градски филхармониски оркестар на општината Амфилохија, кој, предводен од виртуозниот маестро Георгиј Цогас, одржа еден прекрасен благозувчен концерт во дворот на Манастирот, со композиции од најпознатите современи грчки композитори на традиционална музика.
Во десетте најзначајни настани во минатата година Бигорски го вбројува и осветувањето на црквата посветена на Пресвета Богородица во село Ростуше.
Наплив на славословие, благодарност и ликување ги обзеде душите на Православните во Река, но и пошироко, затоа што станавме сведоци на исклучителните благослови Божји што се излеаја во славното мијачко село, чиешто име значи токму тоа – радост на душата! Овој Храм на Мајката Божја веќе стана сведок на рајските убавини, дотолку повеќе што беше граден со синовска посветеност и љубов од нашиот сакан старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, кој со помош на благочестивите христијани од село Ростуше и на бројните богољубиви дарители, камен по камен, фреска по фреска, икона по икона, го обмислуваше и строеше овој Богородичен бисер во Мијачијата, стои во објавата на Бигорски манастир на 10. најзначјани настани во 2023 година.