ФОТО | Бисера Костадиновска – Стојчевска: “Младите се најголеми поддржувачи на европскиот пат на државата“

Младите од Северна Македонија и од Грција градат европска иднина преку фестивалот – Доживеј ја соработката“, смета министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Како што информираат од Министерството за култура, таа денеска пред инфо-точката за младинска соработка „Спојувалка“, се обрати на отворањето на второто издание на младинскиот фестивал „Доживеј ја соработката“, каде учествуваат млади луѓе од земјава и од Република Грција.

Во денешниов свет не е возможно да останете настрана од глобалните процеси, каде што нашиот најголем национален и државен интерес е да градиме партнерство со сите оние за кои Европа е домот кој нѐ интегрира и нѐ поврзува. Република Северна Македонија е држава која сигурно чекори кон својата иднина при што, убедена сум, нејзини најголеми поддржувачи кон европскиот пат, се токму младите“, изјави министерката во Валандово.

Бисера Костадиновска – Стојчевска

Како што се додава во соопштението, таа кажа дека луѓето што ги сретнала денеска во градот и атмосферата што ја создаваат активностите на младите, се потврда на нејзината идеја дека – „соработката на идните носечки умови во Европа со својата нова автентична колективна енергија, уште еднаш потврдува дека пријателството, идеите, креативноста и посветеноста, го обликуваат светот во кој живееме“.

Според Бисера Костадиновска – Стојчевска, фестивалот е одлична можност за поттикнување на потенцијалот на младите генерации, да се дружат, да се забавуваат, да се запознаваат и да соработуваат преку широк спектар активности, како интересни спортски игри, квалитетни културни содржини, музика, гастрономија.

Верувам и знам дека фестивалот и во иднина ќе биде место каде што соработката ќе цвета, каде што идеите ќе се споделуваат, а инспирацијата ќе се множи. Заедно можеме да го изградиме светот што го сонуваме – свет полн со инклузивност, разнообразност и непрекинат стремеж за нови постигнувања“, додаде Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Младинскиот фестивал „Доживеј ја соработката“ го организираат Младинскиот сојуз од Крушево и „SEE in Action“ од Република Грција, кои се и иницијатори за формирање канцеларии за младинска соработка меѓу младите од двете држави, „Соработка за заедничка иднина“, поддржани од амбасадите на САД и на Германија