ФОТО | ВИСТИНСКИ ХАОС ВЛАДЕЕ НА БЛИСКИОТ ИСТОК – Ситуацијата врие и во Европа: Евакуирани 8 аеродроми во Франција, демонстрации во Германија
Бомбардирањето на болницата „Ал-Ахли“ во Појасот Газа предизвика бран гнев и протести низ Блискиот Исток, при што демонстрантите излегоа на улиците во најмалку осум земји за да го осудат смртоносниот напад.
Стотици луѓе протестираа пред британската и француската амбасада во Техеран, додека неколку илјади се собраа на плоштадот во центарот на градот.
„Смрт за Франција и Англија“, извикуваа демонстрантите додека фрлаа јајца кон ѕидовите на француската амбасада во иранската престолнина.
Во Јордан, илјадници се собраа пред амбасадите на САД и Израел во Аман, а десетици илјади други излегоа на улиците низ целата земја.
Протести избија и во Либан, каде Хезболах размени оган со израелските сили на границата.
„Арапите имаат глас. Тој глас можеби беше игнориран во минатото од Владите во регионот и на Запад… Но, тие не можат повеќе да го прават тоа“, рекол Бадр ал-Саиф, универзитетски професор, додавајќи дека „луѓето се запалија“.
Гневните демонстранти се собраа и пред француската амбасада во Тунис, исто така силно напаѓајќи ги САД.
„Французите и Американците се сојузници на ционистите“, скандираа демонстрантите, пренесе медиумската агенција AFP. Демонстрантите бараа отповикување на амбасадорите на двете земји и извикуваа: „Не сакаме американска амбасада на туниска територија“.
Палестинските безбедносни сили во Рамала на Западниот Брег употребија солзавец и шок-бомби во вторникот вечерта за да ги растераат демонстрантите кои фрлаа камења и извикуваа слогани против палестинскиот претседател Махмуд Абас, додека палестинскиот гнев зовре по смртоносниот напад врз болница во Појасот Газа за кој се обвинува Израел.
На Западниот Брег, каде Махмуд Абас се враќаше по откажувањето на планираната средба со американскиот претседател Џо Бајден во Јордан, стотици демонстранти се собраа на централниот плоштад во Манара. Некои од нив ги поддржаа лидерите на Хамас.
Судири со палестинските безбедносни сили избувнаа и во други градови на Западниот Брег – Наблус, Тубас и Џенин.
Протести избија и во Либија, Јемен и Мароко.
По нападот на болницата во Појасот Газа, врие и во Европа.
Осум аеродроми во неколку големи градови во Франција беа евакуирани откако беше пријавена закана за бомба, соопшти француската воздухопловна управа DGAC.
„Меѓу евакуираните аеродроми се оние во Тулуз, Бијариц и Пау на југозапад, Ница на југоисток, Лион на исток, Лил на север и Рен и Нант на запад од Франција“, изјавил портпаролот на DGAC во соработка со Министерството за внатрешни работи на Франција.
Заканите наводно биле упатени од ИСИС, според социјалните мрежи.
Версајскиот дворец повторно е затворен поради третата безбедносна закана во последните пет дена.
Во средата учениците и вработените во едно еврејско училиште во Рим беа евакуирани по дојава за бомба, но се покажа дека дојавата е лажна. Безбедноста е зголемена во еврејскиот кварт и околу Ватикан по нападот на Хамас врз Израел и израелската одмазда.
Зградата на еврејската заедница во центарот на Берлин, во која се сместени и синагога и градинка, беше нападната со молотов коктел ноќта меѓу вторникот кон средата, по што германскиот канцелар Олаф Шолц најави зголемени безбедносни мерки околу објектите на еврејската заедница во Германија.
„На сите им е јасно дека не прифаќаме и никогаш нема да прифатиме напади врз еврејските институции во Германија“, изјави германскиот канцелар Олаф Шолц, коментирајќи го вечерашниот напад во Берлин за време на неговата посета на Египет.
Тој најави и конзистентен однос кон протестите од антисемитски карактер.
Како што соопшти полицијата, двајца непознати напаѓачи во средата рано наутро фрлиле два молотови коктели врз зградата на еврејската заедница во централниот берлински кварт Мите, кои пукнале на тротоарот пред зградата, а пожарот што избувнал бил изгаснат од полициски службеник задолжен за чување на објектот. Во зградата има неколку институции, меѓу кои училиште, градинка и синагога.
Како што дополнително соопшти полицијата, при увидот на лице место, се случил уште еден инцидент кога едно лице со голема брзина се приближило со скутер и се упатило кон зградата на заедницата извикувајќи антисемитски и антиизраелски пароли. Мажот потоа бил приведен, а потоа ослободен.
Централниот совет на Евреите во Германија се огласи за терористичкиот напад.
„Деструктивната идеологија на Хамас против се што е еврејско е активна и во Германија“, се вели во соопштението на централниот совет.
Во исто време, се вели дека еврејските семејства во Берлин се „екстремно вознемирени“ од последните настани.
„Се движиме од зборови на дела“, се наведува во соопштението.
По нападот на Хамас врз Израел, кој беше прославен отворено на улиците во населбите претежно арапски, нападите врз еврејски објекти се во пораст во Берлин, а графитите со Давидовата Ѕвезда почнаа да се појавуваат на зградите каде што семејствата со еврејско потекло живеат.
Полицијата во Берлин ги забрани сите пропалестински протести поради стравот за јавниот ред и мир.
Во северниот дел на берлинскиот кварт Мите, кој некогаш бил дел од Источен Берлин, во последниве години е создадена еврејска заедница. Тој дел од областа Мите се граничи со областа Вединг, која му припаѓала на Западен Берлин и е претежно населена со припадници на турската и арапската заедница.
Сите важни објекти на еврејската заедница во Германија со години се под деноноќна полициска заштита.