ФОТО | ВКУПНО 25 ЛУЃЕ НА СЛОБОДА! Хамас ослободи 13 израелски и 12 тајландски заложници

Премиерот на Тајланд, Срета Тависин, соопшти дека се ослободени 12 тајландски граѓани кои беа заробени од Хамас.

Тој во објава на социјалната мрежа Х (Твитер) кажа дека службениците на амбасадата биле на пат да ги земат киднапираните, но не прецизираше каде се заложниците.

За оваа информација од претседателот на Владата на Тајланд немаше коментар од Хамас.

Ослободувањето на тајландските државјани не е дел од договорот меѓу Израел и Хамас постигнат со посредство на Катар.

Израелската Армија соопшти дека денес се ослободени 13 израелски заложници, кои 48 дена ги држеше во заробеништво милитантната група Хамас во Појасот Газа. Со тоа вкупниот број на ослободени се искачи на 25.

Ослободените 14 израелски заложници од Хамас

Тие вечерва по прелиминарен докторски преглед влегле на територијата на Израел.

Израелските заложници се идентификувани како Чана Кацир (77), Маргалит Мозес (77), Јафа Адер (85), Хана Пери (79), Адина Моше (72), Даниел Алони (44), Емилија Алони (9), Рути Мондер (78), Керен Мондер (54), Охад Мондер (9), Авив Ашер (2), Раз Ашер (5) и Дорин Кац-Ашер (34).

Околу 39 палестински затвореници, 24 жени и 15 тинејџери, ќе бидат ослободени од израелските затвори на Западниот Брег како дел од привремениот договор за прекин на огнот.

Четиридневното примирје меѓу Израел и Хамас, со посредство на Катар, стапи на сила утринава во 07:00 часот по локално време.

Во часовите пред привремениот прекин на огнот, се вклучија ракетни предупредувачки сирени во израелските градови кои се граничат со Појасот Газа, а израелската Армија извести за засилени операции во палестинската енклава, во обид да ја засили операцијата против Хамас што е можно повеќе во последните часови пред паузата во судирите, објави Time of Israel.