ФОТО | Володимир Зеленски одлучи да го протера грузискиот амбасадор во Украина во знак на протест

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, денес соопшти дека ќе го протера грузискиот амбасадор во знак на протест поради поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, исто така украински државјанин, кој изгледал видно изнемоштен на неговото судење во Тбилиси.

Денеска побарав од Министерството за надворешни работи да го повика грузискиот амбасадор, да го извести за нашиот протест и да побара од него да ја напушти Украина во рок од 48 часа“, напиша Володимир Зеленски во објава на социјалните мрежи.

Неколку грузиски телевизии денеска објавија слики од Михаил Саакашвили кои покажуваат дека тој многу ослабел.

Михаил Саакашвили (55 г.) за време на сослушувањето преку видео врска изгледал видно слаб. Во еден момент тој ја подигнал маицата, откривајќи ги ребрата и стомакот.

Михаил Саакашвили

Апсолутно невин човек се држи во притвор“, вели Михаил Саакашвили, кому му се суди за „злоупотреба на положбата“, обвинение што тој го негира.

Неговите доктори рекоа дека Михаил Саакашвили, човек кој тежел 115 килограми пред апсењето, изгубил околу 60 килограми во затвор и оти страда од труење со тешки метали, губење на телесна тежина и мускулна маса.

Михаил Саакашвили ја водеше Грузија од 2004 до 2013 година, пред да замине во егзил во странство на осум години. Најмногу живееше во Украина, каде што доби државјанство и имал политички одговорности.

Тој се врати во Грузија пред локалните избори на почетокот на октомври 2021 година, но веднаш беше уапсен и однесен на отслужување на шестгодишна затворска казна за „злоупотреба на положбата“. Таа казна беше изречена во негово отсуство во 2018 година.

Тој потоа започна 50-дневен штрајк со глад во знак на протест поради условите во затворот и поради тоа беше хоспитализиран.