Најголемата опозициска партија на Косово ја прекинува комуникацијата со премиерот Албин Курти и претседателката Вјоса Османи

Најголемата парламентарна опозициска партија на Косово, Демократската партија на Косово (ПДК) соопшти денес дека, поради санкциите кои Европската унија и САД ги воведоа кон државата, целосно ја прекинува комуникацијата со Владата на Албин Курти и со претседателката Вјоса Османи.

Во обраќање пред медиумите по денешната седница на Управниот одбор на ПДК, партискиот лидер, Мемли Красниќи побара да се одреди датум за предвремени избори, било преку оставка на премиерот Албин Курти, или преку распуштање на Собранието на Косово.

ПДК, најави Мемли Красниќи, ќе го бојкотира Собранието и нема да гласа на ниеден форум, за ниеден закон, одлука, резолуција или договор предложени од властите.

Што поскоро да се објави датумот на предвремени општи избори, било преку оставка на премиерот Албин Курти, било преку распуштање на Собранието. Од денеска нема да гласаме на ниеден форум, за ниеден закон, одлука, резолуција или договор, затоа што ситуацијата не е нормална и ние не можеме да симулираме нормалност“, изјави Мемли Красниќи.

Секој вид комуникација со Албин Курти и претседателката Вјоса Османи, порача опозицискиот лидер, се прекинува, „освен за вонредни ситуации, или за разговори околу одржувањето предвремени парламентарни избори“.

Косово е изолирана и санкционирана држава и заради нивна вина е влезено во ист ред со Белорусија, Русија, Молдавија и Република Српска“, тврди Мемли Красниќи, порачувајќи дека – „на Косово му е потребно сеопшто движење за да го запре уривањето што го врши Албин Курти“.

ЕУ во саботата, на 1. јули, соопшти дека влегле во сила казнени мерки кон Косово поради непреземањето дејствија за средување на состојбите на северот на земјата. Брисел информира дека се суспендирани работата на органите на Советот за стабилизација и асоцијација и програмата на ИПА-фондовите. Исто така се откажуваат билатералните средби со претставници на косовските власти, освен оние кои се однесуваат на спроведување на договорите со Србија и на изнаоѓањето решение за косовскиот север.

Брисел бара од Приштина да го спроведе планот од три точки што го предложи ЕУ, а со кој се бара смирување на тензиите на север, одржување нови градоначалнички избори во четирите општини со мнозинско српско население и враќање на дијалогот за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, со посредство на ЕУ.

Претходно, поради некооперативноста на Албин Курти во изнаоѓањето решение за споровите со Белград и со косовските Срби, САД ги исклучија Безбедносните сили на Косово од меѓународната воена вежба „Дефендер Јуроп 2023“.