ФОТО | Димитар Ковачевски на првиот состанок на Северноатлантскиот совет: “Самитот на НАТО уникатна можност да ја покажеме силата и обединетоста во однос на нашите тековни и идни задачи“
Премиерот Димитар Ковачевски денес во Вилнус на првиот ден од Самитот на НАТО учествува на првата сесија на Северноатлантскиот совет, што се одржуваат на ниво на претседатели на држави и Влади.
„Го започнавме првиот состанок на Северноатлантскиот совет, на кој разговараме за стратегиски концепт за унапредување на одбранбените капацитети и за модернизација на одбраната. Тема на состанокот е и зајакнувањето на отпорноста на членките на НАТО кон растечките сајбер закани. Самитот на НАТО е уникатна можност за сите сојузници да ја покажеме силата и обединетоста во однос на нашите тековни и идни задачи“, објави Димитар Ковачевски на социјалната мрежа Фејсбук.
Во фокусот на агендата на првата сесија од Самиотот е зајакнувањето на колективната одбрана со регионални планови и постојана подготвеност за брзи одговори преку копно, вода и воздух. Политиката на одвраќање, како што информираат од Владата, ќе биде пофокусирана, со надополнување на воените и одбранбени политики.
Една од главните теми на сесијата е продолжувањето на инвестициите во одбраната и новата заложба за инвестиции од одбраната, со договор тоа да биде најмалку два проценти од БДП, а во исто време најмалку 20 отсто да бидат наменети за модернизација.
Северна Македонија одвојува 1,85 отсто, а како што истакна премиерот во изјавата пред почетокот на состанокот, на модернизација се одвојуваат 30 отсто, јави известувачот на МИА од Вилнус.
Заложбата, како што наведува Владата, е потребна за да се зајакнат капацитетите за одбрана, вклучително и растечки сајбер и хибридни закани, но и да се справиме со други предизвици како тероризмот или злоупотреба на нови технологии.