ФОТО | Кренар Лога: “Да го следиме примерот на БиХ, да имаме затвори кои ги задоволуваат европските стандарди“

Министерот за правда Кренар Лога за време на работната посета на Босна и Херцеговина го посетил најсовремениот затвор на Балканот во сараевската населба Илиџа, кој е изграден според највисоките европски стандарди.  

Со изградбата на оваа установа се намали пребукираноста во затворите. Европската Унија за него  издвои над 11 милиони евра финансиски средства. Има капацитет за 300 затвореници и 50 места за притвор. Располага со најсовремено опремени простории, спортски терени, работилници, храната се служи во ќелиите а има  и посебна просторија за  молитви  и практикување на релегија“, се наведува во денешното соопштение од Министерството за правда.

Со цел да се преземат конкретни мерки и активности за подобрување на состојбата во казнено поправните установи во нашата држава, министерот за правда Кренар Лога остварил средба со вицегувернерот на Банката за развој на Совет на Европа, Томаш Бочек и Арно де Вердиер, кантри менаџер од Банката за развој на Советот на Европа.

Од Министерството за правда информираат дека Кренар Лога бил информиран за Проектот за „Реконструкција на казнено-поправните установи во Република Северна Македонија“, што се спроведува со кредит од Банката за развој на Советот на Европа. Од страна на претставниците на Банката било побарано во најкус можен рок преземање на ефективни мерки за санирање на оштетувањата и штетите настанати во полу отвореното и отвореното одделение во КПУ Идризово.

Успешната реализација на Проектот, велат од Министерството за правда, претставува само една од основите за подобрување  на целокупната состојба со  условите во затворите, третманот и постапувањето со притворените и осудените лица како  и постигнување на ресоцијализација на лицата кои издржувале казна затвор.