ФОТО | МАКЕДОНИЈА ОБВИЕНА ВО ЦРНО – Соученици, другари, родители, граѓани се потпишуваат во Книгата на жалост во “Јохан Хајнрих – Песталоци“ за убиената Вања Ѓорчевска

Во основното општинско училиште „Јохан Хајнрих – Песталоци“ денес е отворена книга на жалост за прерано згаснатиот живот на 14-годишната Вања Ѓорчевска. 

На службениот влез на училиштето блиските и сите граѓани кои сакаат да оддадат почит доаѓаат да се потпишат во книгата на жалост и го изразуваат своето сочувство за прерано згаснатиот живот на младата Вања Ѓорчевска

Менаџментот на училиштето во соработка со повеќе психолози денеска се во целосна спремност со цел обезбедување поддршка за учениците и комуникација со нив на начин со кој сите полесно ќе го пребродат овој трагичен настан.

Освен родителите на децата од училиштето, свое сочувство изразија и други граѓани, како и претставници од Општина Центар заедно со градоначалникот, Горан Герасимовски.

Од Вања Ѓорчевска се простија и нејзините наставници од ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ на профилот на социјалната мрежа Фејсбук на училиштето. 

Наставниците не умеат да ја решат оваа задача, Вања. Прости ни, не можеме, не знаеме како да се поздравиме… Нека ти биде светол патот кон вечноста! Твојата насмевка и искрена душа засекогаш ќе останат во нашите срца. Со неизмерна болка и љубов, твоите наставници и соученици, најмила Вања!“, се вели во објавата.

И градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, изрази сочувство и се потпиша во Ккнигата на жалост. 

Нема толку силни зборови кои можат да ја искажат болката и гневот за прерано згаснатиот живот на Вања. Чувствувам преголема болка. Еден родител не може да доживее ништо пострашно од ова што денеска се случи со Вања. Изразувам длабоко сочувство до семејството и барам максимална казна за сторителите“, напиша тој синоќа во објава на социјалните мрежи.

Во врска со случајот на убиствата на младата Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски во моментов прес-конференција одржуваат Министерството за внатрешни работи и Основното јавно обвинителство.