ФОТО | Министерот Оливер Спасовски во Тирана се сретна со неговиот албански колега Таулант Бала

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вечерва, за време на работниот престој во Тирана, по повод учеството на Конференција на министри за внатрешни работи во рамки на Берлинскиот процес, оствари работна средба со неговиот албанскиот колега, Таулант Бала.

Таулант Бала и Оливер Спасовски

На средбата македонскиот прв полицаец  му го честитал назначувањето на функцијата министер за внатрешни работи на Република Албанија, со желби за успех, на личен и професионален план.

Токму Министерската Конференција во рамки на Берлински процес во Тирана е добар старт за продлабочување на веќе успешната соработката помеѓу МВР на Република Северна Македонија и МВР на Република Албанија. Преку заложбите за подобрување на добрососедските односи и регионалната соработка, особено на полето на прекуграничната соработка, како и успешното спроведување на имплементациските Протоколи на Конвенцијата за полициска соработка во ЈИЕ, како и заедничкото учество во Регионалните иницијативи, можам да кажам дека соработката помеѓу граничните полиции на двете држави е континуирана“, објави Оливер Спасовски на социјалната мрежа Фејсбук.

Додава дека на средбата се договориле да започнат подготовките од двете страни кои ќе значат позитивен одговор на барањата на македонската заедница во Албанија, поточно областа Голо Брдо, граничниот премин Џепиште-Требиште кај Дебар да работи 24/7, со што ќе се олеснат потребите на Македонците што живеат и работат.

Овој премин е од локален карактер и работи од 6 до 20 часот во летниот и од 8 до 18 часот во зимскиот период.

Продолжуваме и во иднина да ги интензивираме сите активности коишто веќе се отпочнати, и ќе започнуваме и нови, кои ги отвораат европските перспективи на граѓаните и на регионот – Нашите заеднички цели им се безбедноста и сигурноста на граѓаните, владеењето на правото и европски институции“, наведува Оливер Спасовски