(ФОТО) МРТВИ МАЈМУНИ ПАЃААТ ОД ДРВЈАТА „Нивните тела се млитави како партали“: Ужас во Мексико поради големата топлина

Мексико го зафати топлотен бран кој освен луѓе страдаат и животни, а од жештините умираат мајмуни и паѓаат мртви од дрвјата.

Најмалку 138 завивачки мајмуни, вид познат по нивните карактеристични, гласни повици, се пронајдени мртви во државата Табаско во Мексиканскиот залив каде температурите надминаа 45 степени, јавува АП.

Благодарение на локалните жители, пет животни итно се префрлени во локалните ветеринарни клиники, каде ветеринарите се борат да ги спасат од дехидрација и топлотен удар.

  • Мајмуните се донесени во критична состојба, со дехидрација и треска. Нивните тела беа млитави како партали. Ова се симптоми на топлотен удар – изјави д-р Серхио Валензуела.

Првите мртви примати беа пронајдени на 5 мај и оттогаш ситуацијата е се полоша и полоша.

– Паѓаат од дрвја како јаболка. Оние што ги видов беа сериозно дехидрирани и починаа за неколку минути откако удрија во земјата. Падот од височина од неколку метри обично е тој што ги завршува – изјави биологот Жилберто Позо.

Поради топлотниот бран од март досега загинале најмалку 26 луѓе, а ветеринарите тврдат дека горештините убиле десетици, а можеби и стотици мајмуни .