ФОТО | “РАЗБУДИ СЕ МОЈ НАРОДЕ!“, “УБИЈЦИ“, “КОЛКУ ВРЕДИ ЧОВЕЧКИОТ ЖИВОТ ?“ – Стотици граѓани излегоа на протест пред Влада за скандалот што ја згорзи македонската јавност
Пред Владата на Република Македонија започна протестот на граѓаните кои го изразуваат својот револт во врска со случувањата на Клиниката за онкологија.
Со свирежи и скандирања: „Оставки“, „Крадци“ и „Убијци“ почна протестот пред Владата за случајот со Клиниката за онкологија што ја загрози македонската јавност и каде медиумите открија дека се краделе терапии за болни од рак и се продавале на црниот пазар, а на дел од пациентите наместо вистински лекарства им се давал и физиолошки раствор.
Со транспаренти: „Убивате за профит”, „Колку вреди човечкиот живот”, „Онкологија=профит”, „Разбуди се мој народе“, тие бараат овој случај да не помине неказнето.
Дел од граѓаните носат и маици со натпис: „Ние сме Онкологија“, а дел од демонстрантите со црвена боја на асфалтот пред Владата испишаа: „Убијци“.
Според најавите, протестот ќе продолжи со марш кон Министерство за здравство, а според пишувањата на дел од македонските медиуми, во првите редови најистакнати и предводници на протестот се членови на политичката партија Левица.
Премиерот Димитар Ковачевски во врска со случајот на Клиниката за онкологија за тврдењата за продавање на цитостатици денес изјави дека пардон нема да има за никого, и побара случајот да не се политизира бидејќи како што кажа се работи за мултипартиски и мултиетнички криминал. Правото на протест на граѓаните е добредојдено, според него, бидејќи врши дополнителен притисок да се реши случајот.
„Нема да се дозволи никаков притисок, ниту политички, ниту етнички, ниту каков било друг. Инволвираните ако сакаат нека бидат членови и на свети СДСМ, и на свето ВМРО, и на свети ДУИ тој што се огрешил има да одговара“, потенцираше Димитар Ковачевски.
(ФОТО: МИА, 360stepeni.mk)