ФОТО | Спомен куќата на Тоше Проески го почна караванот низ училиштата во земјава – Од Прилеп започна ‘Тоше за овој свет’
Со оригиналната облека на Тоше од неговото последно интервју во „Вртелешка“ на 15 октомври 2007 година, со омилената бела гитара и со репликата на костимот од Евровизија, Спомен куќата на Тодор Проески го почна караванот низ училиштата во земјава за презентација на ликот и делото на големата музичка ѕвезда и хуманист кој најмногу ги сакаше децата. Караванот започна со гостувањето во прилепското основно училиште „Кире Гаврилоски – Јане“.
Под мотото „Тоше за овој свет“, македонските ученици ќе се запознаваат и ќе се потсетуваат на големото дело на музичарот и најмлад амбасадор на УНИЦЕФ. Ова е првпат да се изнесуваат предмети од музејот во Крушево.
-Нашата кампања под мотото „Тоше за овој свет“ е првенствено посветена на двете години 2003 и 2004 година, а годинава и догодина одбележуваме 20 години, од прогласувањето на Тоше за најмлад амбасадор на УНИЦЕФ. Тоше секаде, на своите настапи, ја потенцираше љубовта спрема сите (Ве сакам сите), посебно кон децата. Да не зборуваме за неговата хумана мисија која ја остваруваше секојдневно преку неговите хуманитарни концерти и донации за децата, кои пред се имаа или потешкотии во развојот или беа без семејна и родителска грижа, изјави Јефкија Гажоска, директорка на спомен-куќата Тодор Проески.
Караванот започнува од денеска, од основното училиште „Кире Гаврилоски-Јане“, а ќе продолжи во основните училишта кои ќе покажат интерес за оваа презентација и за изложбата, за претставувањето на музејските експонати, изложени во спомен куќата „Тодор Проески“ кои на овај начин за првпат излегуваат од музејските витрини.
– Во различни училишта ќе се носат различни предмети од музејската поставка, во зависност од пригодата. Денеска во спортската сала на училиштето се репликата на костимот (мантилот) од настапот на Тоше Проески на Евровизија во Истанбул 2004 година и неговата безвременска изведба на песната „Ангел си ти“, неговата омилена бела гитара, како и облеката од последното негово интервју, гостување во емисијата „Вртелешка“ кај Весна Петрушевска. Со ова поврзуваме што сѐ претставуваше Тоше за нас, и сѐ уште претставува за децата и мислам дека ќе имаме голема заинтересираност од училиштата. Од септември тоа ќе ни биде редовна посета на училиштата, изјави Гажоска.
Учениците со внимание од кустосот на Музејот, Надица Николоска слушаа за животниот пат и успесите на Тоше Проески, чии почетоци се врзуваат за Прилеп и за фестивалот „Мелфест“. Ги слушаа песните на Тоше, меѓу кои изведбата на „Овој свет“ што е и неофицијална химна за децата.
– Посебно е задоволството што од нашето училиште почнува овој караван, особено што имаме можност децата, кои се родени по загинувањето на Тоше, повеќе да знаат за него, за неговата големина и неизбришливите траги што ги остави и во музиката и во хуманоста. Организираме ученички посети на спомен-куќата во Крушево и тие се и во иднина дел од училишните екскурзии, рече Влатко Кузманоски, директор на прилепското основно училиште „Кире Гаврилоски-Јане“.
Спомен куќата на Тоше е меѓу петте најпосетувани музеи. Има 630 предмети поврзани со делото на Тоше Проески и досега ја посетиле преку еден милион гости од земјава Балканот и од светот.