ФОТО | Турист го фотографирал езерото Лох Нес и забележал нешто огромно како се движи под водата: “Го видовме чудовиштето Неси!“

Британскиот весник Daily Telegraph го објави сведочењето на двајца туристи од шкотскиот Лох Нес што повторно ги разгоре шпекулациите за џиновското чудовиште Неси за кое се шпекулира дека се крие во тие длабоки води веќе девет децении.

Се вели дека Етјен Камел, фармацевт од францускиот град Лион и неговата сопруга Елејн го фотографирале езерото во близина на Инвермористон кога наводно ја виделе Неси како плива веднаш под површината на водата.

Беше доста чудно. Јас сум човек од науката и никогаш не верував дека чудовиштето од Лох Нес е праисториско животно. Сепак, видов долга сенка додека го фотографирав езерото. Ја повикав сопругата и двајцата забележавме дека сенката се помести“, изјавил Етјен Камел.

Тој додал дека мислел дека можеби е сенка на облак или чамец, но ниту едното не било во близина за да направи сенка.

Имаше помали бранови, како нешто да се движи. Тоа беше долго помеѓу 15 и 20 метри и беше оддалечено околу 150 метри. Беше доста чудно, а потоа исчезна“, тврди фармацевтот.

Човекот кажал дека тој и неговата сопруга не можат да проценат дали се работи за животно, но биле убедени дека нешто се движи под водата.

Никогаш досега не сум видел вакво нешто во езеро, а каде што живееме во Франција ги има многу“, заклучил тој.

Daily Telegraph потсетува дека првата приказна за чудовиштето наречено Неси, кое наводно живее во Лох Нес, се појавила во 1933 година откако Франческа Мекгарви од шкотскиот град Каслехид видела темна фигура како излегува од водата.

Откако повеќе луѓе утврдиле дека има нешто во тоа езеро, медиумите пишуваат дека наводното чудовиште личи на плезиозаур, морски рептил кој изумрел пред повеќе од 65 милиони години.

Официјалната наука не најде докази за праисториско суштество во шкотско езеро. Досега се направени повеќе истражувања на езерото со помош на сонар, од кои најпознати се оние од 1987 и 2003 година, а ништо не е пронајдено. Дополнително, се покажа дека голем број фотографии за кои се тврди дека го прикажуваат Неси се исценирани или прикажуваат предмети или животни кои вообичаено живеат во езерото.