ФОТО | ЧОВЕЧКОТО ОКО ОВА ГО ГЛЕДА ЗА ПРВПАТ ВО ИСТОРИЈАТА – Зачудувачки фотографии и нови откритија ги воодушевија научниците: Погледнете како изгледаат спиралните галаксии
Американската вселенска агенција (НАСА) објави многу детални фотографии од 19 спирални галаксии кои би можеле да го прошират знаењето за еволуцијата на ѕвездите.
Фотографиите се направени со телескопот „Џејмс Веб“, а се анализирани од научници од Универзитетот во Оксфорд, јавува BBC.
Телескопот, кој беше лансиран пред две години, е опремен со инструменти кои овозможуваат откривање на постари и подалечни објекти од оние што може да ги сними телескопот „Хабл“.
Камерите на телескопот „Џејмс Веб“ снимаат простор првенствено со инфрацрвени камери со регистрирање на светлина невидлива за човечкото око.
„Извонредните слики ќе им донесат на астрономите и астрофизичарите ширум светот нови елементи во сложувалката на универзумот и галаксиите“, велат од Универзитетот во Оксфорд.
Томас Вилијамс, истражувач на одделот за физика на Универзитетот, води проект за обработка на податоци од најновите слики.
„Количината на детали на овие слики е огромна и тоа е добро. Тоа значи дека можеби ќе можеме да го дополниме знаењето за структурата и еволуцијата на галаксиите, формирањето на ѕвездите, нивниот животен циклус и многу повеќе“, вели овој научник и истакнува дека ова е најдлабокиот увид во далечните галаксии досега.