Франција, која го подигна нивото на подготвеност во борбата против тероризмот на највисоко ниво, дополнително ќе ја зајакне безбедноста на аеродромите околу главниот град и во железничкиот сообраќај, по бројните лажни извештаи за поставени бомби, најави денеска министерот за транспорт, Клемон Бон.
„Безбедносните патроли на париските аеродроми ќе бидат зголемени за 40 отсто, а персоналот на националната железничка компанија SNCF ќе биде зајакнат за 20 отсто, додека дополнителни полициски тимови ќе патролираат по железничките станици“, вели Клемон Бон, пренесуваат француските медиуми.
Франција е на највисоко ниво на готовност од 13. октомври, кога 20-годишен човек уби наставник во средно училиште во градот Арас во северна Франција.
„Сообраќајните мрежи се места каде што е забележан голем пораст на напади“, тврди Клемон Бон.