– Франција се приклучи како коспонзор на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница, што треба да биде изгласана во Генералното собрание на Обединетите нации (ОН).
„Франција се придружува да биде коспонзор на Резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Благодарност на нашата пријателска земја, претседателот Макрон и француската мисија при ОН“, се наведува на официјалниот профил на мрежата X на Меморијалниот центар во Сребреница.
Споделена е и видеопорака од францускиот претседател Емануел Макрон, кој порача дека Франција го памети и секогаш ќе го памети страдањето што го искуси Босна и Херцеговина пред 25 години во најмрачните моменти што Европа ги има видено од крајот на Втората светска војна.
„На 11 јули 1995 година и во деновите што следуваа, овде во Сребреница во БиХ се случи една од најлошите трагедии во модерната историја. Франција не заборави на повеќе од 8.000 жртви, возрасни и деца, кои беа убиени. Со длабоки емоции ги поздравувам преживеаните жртви на геноцидот и нивните семејства и изразувам искрено сочувство“, порача Макрон.
Генералното собрание на ОН на 2 мај ќе расправа и за Резолуцијата за Сребреница, прашање кое веќе предизвика бројни реакции во регионот, особено меѓу претставниците на босанскохерцеговскиот ентитет РС и на Србија.