Францускиот премиер поднесе оставка утрото по назначувањето на министрите: Петти колапс на владата за три години
Францускиот премиер Себастијан Лекорну поднесе оставка само неколку часа откако го претстави својот нов кабинет и министри. Тој беше назначен на функцијата пред само еден месец, но Франција се соочува со сериозна политичка криза во која го загуби својот петти премиер за три години.
Во недела, доцна синоќа, Лекорну претстави во голема мера непроменет кабинет во споредба со кабинетот на претходниот премиер Франсоа Бајру, на кого му беше изгласана недоверба во поделениот парламент.
Таквиот кабинет предизвика жестоки критики низ целиот политички спектар, а многумина веднаш предвидоа дека парламентот повторно ќе гласа за недоверба на владата. Конзервативниот Бруно Рејто, кој требаше да остане министер за внатрешни работи, задолжен за полицијата и внатрешната безбедност, ја критикуваше новата влада, наведувајќи дека таа не го одразува она што е ветено, а екстремните десничари рекоа дека јасно му кажале на новиот премиер – „Или ќе раскине со минатото или ќе има гласање за недоверба“.
Поради ваквите реакции, Лекорну ја објави својата оставка, која Емануел Макрон веќе ја прифати, а која детално ќе ја објасни на прес-конференција.
Франција е во политичка криза откако Макрон распиша предвремени избори во 2024 година, што резултираше со поделен парламент.
Неговиот сопствен сојуз, кој го загуби мнозинството во 2022 година, дополнително ослабе, додека антиимиграцискиот, крајно десничарски Национален фронт (Rassemblement National) стана најголемата партија. Лабава коалиција од левичарски партии, сега длабоко поделена, се појави како најголем блок. Ниту еден табор нема мнозинство.