Францускиот професор казнет со 300.000 евра за прекршоци: „Па, јас немам автомобил“

Универзитетски професор од Франција чиј идентитет е украден се соочи со казна од 300.000 евра за сообраќајни прекршоци што не ги направил.

Професорот стана жртва на кривично дело кражба на идентитет. Но, приказната не завршува тука – возилата регистрирани на негово име биле користени и за криминални активности како грабежи и провални кражби во Белгија.

Неговата агонија, за која ги обвинува француските власти, започна во 2018 година. Според него, додека бил на одмор, полицијата го контактирала за да го извести дека бројни возила регистрирани на негово име се вмешани во повеќе сообраќајни прекршоци. Иронично, Џулиен во тоа време немал автомобил, туку само скутер, пишува Монд.

Повеќе измами

Полициската истрага набрзо ги потврди сомнежите за кражба на идентитет. Криминалците отвориле фирма за купување и продавање возила на негово име, користејќи ги неговите лични податоци за регистрирање дури 300 автомобили. Овие автомобили потоа се користеле за сообраќајни прекршоци, а со тоа автоматски се поврзувале и казните.

Професорот поднесе тужба против француските власти, обвинувајќи го државниот систем за пропусти. Иако доби отштета од 3.000 евра, ја смета за недоволна со оглед на тоа колкава е штетата што ја претрпел.

Дел од проблемот се чини дека лежи во францускиот систем за регистрација на возила (SIV), кој неодамна беше делумно приватизиран. Таа транзиција предизвика технички проблеми во системот, кои сајбер-криминалците ги користеа за да извршат кражба на идентитет. Последиците од овие неуспеси влијаат на зголемен број возачи во Франција.