Францускиот суд донесе одлука за уапсениот сопственик на Телеграм

Основачот на Телеграм, Павел Дуров е под официјална истрага и нема да му биде дозволено да ја напушти Франција, се вели во соопштението на францускиот обвинител објавено вечерва.

Милијардерот со руско потекло е ставен под судски надзор додека треба да плати кауција од 5,56 милиони долари (5 милиони евра) и ќе мора да се јавува во полициска станица двапати неделно и му е забрането да ја напушта француската територија.

Дуров беше ослободен од полицискиот притвор во Франција и однесен на суд на сослушување претходно истиот ден, изјавија обвинителите за Си-Ен-Ен , неколку дена по неговото апсење на аеродромот во Париз.

Обвинителите во Париз соопштија дека тој ќе се соочи со „првични прашања и можно обвинение“ пред судот во француската престолнина.

Се сеќаваме дека тој беше уапсен во саботата вечерта на парискиот аеродром. Француската правда го обвинува дека не дејствува против ширењето на криминални содржини на Телеграм, социјална мрежа која има повеќе од 900 милиони корисници.

Дуров беше уапсен како дел од истрагата против неидентификувано лице, започната на 8 јули од Единицата за сајбер криминал, изјави претходно во соопштение обвинителката Лаура Бекуа.

Истрагата се однесува на сомневање за вмешаност во различни кривични дела, вклучително и водење онлајн платформа која овозможува нелегални трансакции, детска порнографија, трговија со дрога и измама, како и одбивање да се дадат информации на властите, перење пари и обезбедување криптографски услуги за криминалци, се вели во соопштението.