Хаваи: Шефот на Агенцијата за вонредни состојби поднесе оставка бидејќи не предупредил со сирени за смртоносните пожари

– Херман Андаја, шеф на Агенцијата за управување со вонредни состојби во Мауи (МЕМА), вчера поднесе оставка по острите критики за неговиот одговор на шумските пожари во градот Лахаина, во кои загинаа најмалку 111 луѓе.

Андаја поднесе оставка еден ден откако ја бранеше одлуката да не се огласуваат сирените за итни случаи за време на смртоносните пожари на хавајскиот остров.

Официјални претставници на Округот Мауи издадоа соопштение за медиумите во кое се вели дека градоначалникот Ричард Бисен ја прифатил оставката на шефот на МЕМА, кој рече дека поднел оставка поради здравствени причини.

„Со оглед на сериозноста на кризата со која се соочуваме, јас и мојот тим ќе назначиме некого на оваа клучна позиција колку што е можно поскоро“, рече Бисен.

Пожарите што избувнаа во Лахаина на 8 август уништија илјадници домови и објекти, а загинаа повеќе од 100 луѓе. Станува збор за најсмртоносната природна катастрофа на Хаваи откако стана сојузна држава во 1959 година.

Запрашан за одлуката да не се активираат сирените, Андаја на прес-конференцијата во средата рече дека тие првенствено се користеле за предупредување за цунами и оти стравувал дека најавата ќе ги поттикне жителите од крајбрежјето да избегаат во внатрешноста кон пожарите.

„Населението е обучено да бара повисоки места во случај да се огласи сирената. Се плашевме дека доколку ја огласиме сирената таа вечер, луѓето би побегнале на планината. А во тој случај тие би заминале кон пожарите“, изјави Андаја.

Андаја рече дека протоколот на агенцијата е да користи системи за предупредување што праќаат пораки до мобилните телефони и преку телевизија и радио. Сепак, без вклучување на сирените, жителите немаа друг начин да добиваат предупредувања за итни случаи на нивните мобилни уреди бидејќи многумина на островот немаа струја од рано утрото.

Јавната обвинителка за Хаваите, Ен Лопез, вчера објави дека ќе спроведе „непристрасна, независна инспекција“ со приватна агенција, од трета страна, со искуство во управувањето со итни случаи, што „ќе обезбеди одговорност и транспарентност и ќе го увери населението на Хаваи дека сите факти ќе бидат откриени“.