Хамас: Во Газа уништени се 80 отсто од зградите

Во војната уништени се 80 проценти од зградите во градот Газа, а штетата се проценува на 30 милијарди американски долари, соопшти денеска Хамас.

Сумата е за разурнатите станбени згради, стопански објекти и инфраструктурата, како улици, електричната мрежа и водоводот и канализацијата.

Населението во Појасот Газа, од 7 октомври 2023 година, кога почна војната, секојдневно е изложено на израелски напади, страда од неисхранетост, дехидрација, заразни болести, недостиг на лекови, а голем број болници се урнати, а децата умираат од глад.

Сојузниците на Израел, првенствено САД го критикуваа интензитетот на израелската воена акција и големиот број на цивилни жртви. Израел тврди дека припадниците на Хамас се кријат зад цивилното население и управуваат со воените акции од станбените подрачја. Израелската армија најави дека операциите ќе траат се до поразот на Хамас и ослободување на заложниците.

Според Министерството за здравство во Газа, од почетокот на војната до денес загинале 31.045 луѓе, а повредени се 72.654 Палестинци. Според палестински извори најголем дел од жртвите се жени и деца.