Хамас му пиша на Трамп: Бараат гаранции за примирје во замена за ослободување на половина од заложниците

Хамас состави писмо до претседателот Доналд Трамп, во кое бара од американскиот претседател да гарантира 60-дневен прекин на огнот во замена за итно ослободување на половина од заложниците, објави Фокс њуз.

Тие, повикувајќи се на извори од администрацијата на Трамп, рекоа дека се очекува писмото да пристигне денес.

Ова е прва директна комуникација меѓу палестинската група и американскиот претседател. Досега, Стив Виткоф, специјалниот американски пратеник за Блискиот Исток, комуницирал со Хамас.

Ова е воедно и прва јавна комуникација од лидерот на Хамас по нападот на Израел врз Катар, кој беше насочен кон раководството на оваа палестинска група.

Да потсетиме дека претходно Трамп побара од Хамас итно ослободување на сите израелски заложници, во замена за прекин на војната во Газа.

Хамас во принцип се согласи со претходните планови, кои вклучуваа постепено ослободување на затворениците во замена за прекин на огнот и повлекување на израелската армија од Газа.

Израел ги отфрли мировните планови, а владата предводена од премиерот Бенјамин Нетанјаху ја прошири инвазијата на палестинската енклава, што предизвика нов масовен бран бегалци.