– Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, денеска изјави дека Иран „не им се лути на Европејците“ и дека е подготвен да соработува со земјите кои „не ги следат слепо“ Соединетите Американски Држави.
Во говорот во светиот град Машхад на првиот ден од новата година според персискиот календар, Хамнеи ги критикуваше САД, обвинувајќи ги дека го поттикнуваат протестното движење што го потресе Иран по смртта на Махса Амини во септември минатата година.
„Западњаците извршија притисок за Иран да биде изолиран, но се случи спротивното. Нашите односи со Западот се ослабени, но нашите врски со Азија се зајакнаа 100 отсто“, а „воспоставувањето силни односи со Латинска Америка и Африка е исто така на нашата агенда“, рече тој пред неколку илјади луѓе во храмот на имамот Реза.
– Меѓутоа, не сме лути на Европејците и подготвени сме да соработуваме со сите европски земји кои не ја следат слепо американската политика, додаде тој.
Во последните месеци, земјите-членки на Европската унија и Обединетото Кралство го критикуваа задушувањето на протестите во Иран кои започнаа по смртта на Махса Амини (22) на 16 септември. Иранка со курдско потекло почина откако беше уапсена во Техеран од полицијата за морал, по обвинение дека ги прекршила строгите правила за облекување.
Според властите, стотици луѓе, меѓу кои и припадници на безбедносните сили, загинале во овие протести, кои стивнаа во последните недели.
Како и во јануари, Хамнеи нагласи дека властите успеале да го „победат заговорот“ што ги предизвика „немирите“ во кои учествуваа „мал број Иранци“.
„Непријателите“ на Иран сакаат „промена на режимот“ и воведување „лажна демократија од западен стил“ за „контрола на земјата“ и „ограбување на нејзините ресурси“, рече тој.
Хамнеи нагласи и дека Иран не се меша во конфликтот во Украина.
Некои земји го обвинуваат Техеран дека ја поддржува Русија, првенствено снабдувајќи ја со беспилотни летала. „Ние не учествуваме на никаков начин“ во таа војна што ја „почнаа САД“ чии „фабрики за оружје најмногу профитираат“, рече тој.