Хан: Реално остварливо е Македонија да ѝ се приклучи на ЕУ во следните неколку години, но да се даде точен датум е несериозно
Еврокомесарот за буџет и администрација Јоханес Хан смета дека е реално остварливо Македонија да ѝ се приклучи на Европската Унија во следните неколку години, но дека е несериозно да се даде точен датум. Во интервју за ТВ Телма, тој вели дека прашањето „кога“ е чувствителна форма, затоа што тоа секако зависи од напредокот кој државите го остваруваат.
– Тоа што е јасно, тоа што сѐ уште е валидно, и ќе биде и во иднина, е дека целиот процес е заснован на заслуги. Тоа значи дека ако државата исполнува, треба да ги добие и заслугите за тоа. Затоа не чекаме сите да бидат подготвени за пристапување, туку ако некоја држава порано биде подготвена, тогаш така треба да биде. Во случајот со Македонија, таков е впечатокот кој го добив и по денешните дискусии, исто така и сите информации кои ги слушнав и прочитав, Северна Македонија постигнала прилично голем напредок на нејзиниот пат кон ЕУ. Затоа, мислам дека треба да бидеме оптимисти, мислам дека е реално остварливо Македонија да ѝ се приклучи на Унијата во следните неколку години. Но, да се даде точен датум е несериозно, изјави Хан.
Прашан кој повеќе потфрли во девизата „ако вие испорачате и ние ќе испорачаме“, Хан во интервјуто одговори дека „никој не е совршен“ и дека „ги критикува и земјите членки“.
– Мислам, никој не е совршен, јас исто така ги критикувам и нашите членки, бидејќи навистина имаше ситуации кога Македонија го заврши својот дел, и тоа не беше адекватно почестено. Но, ќе повторам, тоа е начин кој сѐ уште не е комплетен, и мислам дека не треба да ги набројуваме индивидуалните неуспеси, или како и да е, мислам дека секогаш треба да гледаме напред. Ако го погледнеме севкупниот развој изминативе неколку години, има јасен напредок, јасна насока, јасна поддршка, исто така има и силна поддршка и во земјата, и ние треба тоа да го надградиме, посочи Хан.
За тоа, со кои аргументи сега би ги убедиле граѓаните за повторна отстапка за уставните измени, Хан рече дека генералните околности се значително променети, и дека постои моментум и подготвеност, посочувајќи дека сега има голема посветеност од претседателката на ЕК и силна поддршка од претседателот на Европскиот совет за проширувањето.