Хаос во албанскиот парламент, еден од пратениците активирал димна бомба (ВИДЕО)

Денешната седница на Собранието на Албанија ја одбележаа бројни инциденти откако претставници на опозициската Демократска партија превртеа столчиња и се собраа на говорницата за да ја попречат расправата за предлог-законите. Во салата се користеше и пиротехника.

На видеата што на Фејсбук ги објави поранешниот албански премиер и лидер на Демократската партија на Албанија, Сали Бериша, се гледа дека демократите натрупале превртени столчиња пред спикерот, а пратеникот Ервин Салањи потоа активирал димна бомба.

Бериша претходно предупреди за неможноста за нормална седница на парламентот.

„Ова е како парламентот на Северна Кореја, парламентот на Белорусија, парламентот на земјите диктатори. Опкружен е од сите страни со различни сили кои докажуваат дека Еди Рама се плаши од непобедливата опозиција, опозицијата која го штити Уставот и затоа интересите на секој граѓанин на Албанија“, рече Бериша.

Претседателката на Собранието на Албанија, Линдита Никола на отворањето на седницата посочи дека сето ова што се случува е срам за албанскиот парламентаризам.

„Опозицијата е решена во оваа битка во парламентот со сите сили да ги брани своите уставни права“, изјавија од опозицијата, посочувајќи дека отпорот на опозицијата ќе започне во парламентот, кој според нив е претворен во приватна институција на премиерот. Еди Рама и претседателката на Собранието Линдита Николка.