Хаос во Ерусалим, ултраортодоксните Евреи не сакаат да одат војска: Ја каменувале полицијата, го нападнале автомобилот на министерот (ВИДЕО)
Десетици илјади ултраортодоксни Евреи демонстрираа во Ерусалим, понекогаш и насилнички, против судската одлука со која се обврзани да служат војска, а овие протести може да ја загрозат коалицијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Дојче веле наведува дека тие вчера прво се собрале во ултраправославниот кварт на Ерусалим, а потоа кога се стемнило се упатиле кон центарот.
Според полицијата, толпата фрлала камења и го вандализирала автомобилот на ултраортодоксен член на израелската влада.
Полицијата се обиде да ја растера толпата со водени топови и полицајци на коњи. Неколку полицајци се повредени, а петмина демонстранти се уапсени, јавуваат израелските медиуми.
Веронаука наместо воен рок
Во Израел, воената служба е задолжителна за повеќето мажи и жени, но политички влијателните ултраортодоксни партии успеаја да ги ослободат своите следбеници од воена служба, за да можат наместо тоа да се посветат на религиозни студии.
Ова е проблем за секуларните Евреи со децении.
Од нападот на терористичкиот Хамас врз Израел и почетокот на војната во Појасот Газа, за која беа регрутирани десетици илјади Израелци, тоа незадоволство значително порасна.
За време на војната, повеќе од 600 израелски војници беа убиени, а десетици илјади резервисти беа мобилизирани, што ги наруши нивните кариери и деловни планови.
Пресудата може да ја уништи коалицијата
Минатата недела, израелскиот Врховен суд пресуди дека вооружените сили на земјата ќе мора да регрутираат ултраортодоксни Евреи за воена служба во иднина.
Ултраортодоксните партии и нивните поддржувачи предупредија дека принудувањето на луѓето да служат војска ќе го уништи начинот на живот на кој се навикнати со генерации.
Според тоа, судската одлука има потенцијал да ја разбие нестабилната владејачка коалиција на премиерот Бенјамин Нетанјаху.
Влијателните ултраортодоксни партии Шас и Обединета Тора Евреи се дел од таа коалиција и отфрлаат какви било промени на сегашните регулативи.