Италијанскиот остров Капри во саботата го забрани пристигнувањето на туристи поради недостиг на вода предизвикан од проблеми со снабдувањето од копното.
Градоначалникот на Капри, Паоло Фолко, ја прогласи забраната во седум часот наутро, поради што неколку фериботи веќе на пат кон островот мораа да се вратат назад.
Компанијата одговорна за снабдување на островот со вода објави дека во четвртокот доживеала технички тешкотии, а иако подоцна објави дека е решено, Капри сè уште е без вода.
За време на објавувањето на забраната, Фалко предупреди на „навистина вонредна ситуација“, велејќи дека иако во петокот имало малку вода на островот, акумулациите се празни.
„Ситуацијата се влошува со илјадници туристи кои доаѓаат во Капри секој ден“, рече тој.
Жителите на тој остров во близина на Неапол имаат право на 25 литри вода за пиење по домаќинство, најави градоначалникот.
Забраната за пристигнување на туристи ќе остане на сила до понатамошно известување, додаде тој.
Капри, островот познат по белите вили, заливите и врвните хотели, има околу 13 илјади жители.