ХАОС НА ПРОТЕСТИ ВО ГРЦИЈА: Жесток судир меѓу демонстрантите и полицијата, солзавец и молотови коктели (ФОТО/ВИДЕО)

Грчката полиција употреби солзавец кон демонстрантите кои фрлаа молотови коктели по протестот по повод втората годишнина од железничката несреќа.

x01 АП Танасис Ставракис.jpg

Десетици илјади демонстранти се собраа во петокот во центарот на Атина, барајќи правда.

„Вие броите добивки. Ние броиме животи“, скандираа демонстрантите, а некои носеа црни балони и антивладини транспаренти.

Грчките медиуми јавуваат дека судири имало во Атина, но и во Солун, каде демонстрантите се судриле со полицијата.

За потсетување, денеска во Грција почна 24-часовен штрајк на вработените во транспортот, бизнисот и училиштата, а се очекуваат масовни протести ширум земјата на втората годишнина од железничката несреќа во Темпи во која загинаа 57 лица.

Сите меѓународни и домашни летови беа суспендирани бидејќи контролорите на летање им се придружија на морнарите, машиновозачите, лекарите, адвокатите и наставниците во 24-часовниот генерален штрајк за да им оддадат почит на жртвите од несреќата.

Бизнисите се затворија, театрите ги откажаа претставите, а илјадници луѓе излегоа на плоштадот Синтагма во центарот на Атина, како и во други градови, под строг полициски надзор.

ГСЕЕ, најголемиот синдикат на приватниот сектор, рече дека повикал на штрајкот „конечно да се спроведе владеењето на правото, за да нема прикривање и за одговорните да бидат казнети“, пренесува Ројтерс.

Истрагата за несреќата се уште е во тек и никој не е осуден, а владата на премиерот Киријакос Мицотакис ја отфрла одговорноста, одбивајќи да побара парламентарна истрага за политичка одговорност.

Владата во Атина тврди дека судството треба да ја истражи несреќата, а Мицотакис вели дека објавите на социјалните мрежи имаат за цел да предизвикаат политичка нестабилност во земјата.

Во анкетата спроведена претходно оваа недела, 82 отсто од Грците изјавиле дека железничката несреќа е „едно од најважните“ или „најважните“ прашања во земјата, а 66 отсто рекле дека се незадоволни од истрагата за несреќата.

Опозициските партии ја обвинија владата дека прикрива докази и ја повикаа да поднесе оставка.

Во февруари 2023 година, два воза се судрија во долината Темпи, при што загинаа 57 луѓе, а неодамна објавените аудио снимки покажаа дека околу 30 од оние луѓе кои ја преживеале несреќата подоцна починале од задушување или изгореници.

Резултатите од истрагата, кои беа објавени вчера, покажаа дека во пожарот загинале седум лица.

Голем дел од патниците биле студенти, а на аудио снимките, кои всушност се снимени повици од еден од нив на европскиот број за итни случаи 112, се слуша како повикуваат помош или се борат да здивнат.