Харис Ибраими: Заштитата на националните паркови е наша заедничка обврска

– Националните паркови во Република Северна Македонија претставуваат големо природно богатство, а нивната заштита од пожари е заедничка обврска за сите одговорни фактори. Ова лето, како и секоја година, неопходна е максимална посветеност за спречување на појава на пожари на територијата на националните паркови. Раното откривање и брзиот одговор значително го намалуваат ризикот од ширење на пожарите.

Ова, меѓу другото, беше нагласено на средбата на директорот на Центарот за управување со кризи во РСМ, Мухамед Али, со директорот на Националниот парк „Маврово“, Харис Ибраими. Средбата беше посветена на заштитата на шумите и природните ресурси. Според информациите по средбата, главен акцент беше ставен на потребата од користење на современи системи за рано откривање на пожари, решение кое овозможува навремено реагирање, намалување на ризикот и поефикасно управување во текот на жешките летни месеци. Беше нагласено дека националните паркови во Северна Македонија се драгоцени богатства на нашата природа и дека нивната заштита не е само институционална обврска, туку и споделена одговорност, што бара континуирани инвестиции во технологија.

На средбата меѓу директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, и директорот на Националниот парк Маврово, Харис Ибраими, заедно со нивните соработници, беа разменети идеи и искуства, а беа дефинирани и конкретни чекори за подобрување на координацијата меѓу Центарот за управување со кризи и националните паркови.

Според податоците од Националниот парк Маврово, во текот на ова лето, работниците на паркот, кој зафаќа површина од 73.088 хектари, а над 90 проценти од неговата територија се наоѓа во општина Маврово-Ростуша, вршеле строга контрола на влезовите на паркот, постигнувајќи добри резултати во противпожарната заштита. Во текот на летото, паркот го посетиле голем број локални и странски туристи, кои имале можност да уживаат во неговата богата флора и фауна.