Холандските обвинители заплениле земјиште во предградието на Амстердам на бизнисмен кој бил во брак со ќерката на рускиот претседател Владимир Путин, објави Политико.
Парцелата од 1.432 квадратни метри, која се наоѓа на околу шест километри јужно од центарот на Амстердам, ја заплени Националното јавно обвинителство за финансиски, економски и еколошки прекршоци, кое е одговорно за спроведување на санкциите.
Земјиштето во моментов е празно и е во сопственост на Јорит Фасен, холандски бизнисмен кој беше во брак со најстарата ќерка на Путин, Марија Воронцова. Двојката наводно е разделена.
Двете возрасни ќерки на Путин се под санкции на Европската унија и САД од април 2022 година.
Холандските обвинители одбија да ја коментираат причината за заплената или да кажат дали Фасен, кој живее во Русија, е под истрага во Холандија.