Претставникот на Холандија, Јост Клајн, нема да настапи во финалето на Евровизија. Холанѓанецот беше дисквалификуван од натпреварувањето, а официјално соопштение дојде од ЕБУ кое потврди дека е дисквалификуван.
„Шведската полиција истражуваше поплака од член на продукциската екипа по инцидентот по неговиот настап во полуфиналето во четвртокот вечерта. Додека тече правниот процес, не би било соодветно тој да продолжи да се натпреварува.
Сакаме да појасниме дека, спротивно на некои медиумски извештаи и шпекулации на социјалните мрежи, ниту еден друг изведувач или член на делегацијата не биле инволвирани во овој инцидент.
,,Ние одржуваме политика на нулта толеранција за несоодветно однесување на нашиот настан и сме посветени на обезбедување безбедна и сигурна работна средина за целиот персонал на натпреварувањето. Во светло на ова, однесувањето на Јост Клајн кон член на тимот се смета за прекршување на правилата за натпреварување“, се вели во соопштението.
Да потсетиме, претходно се шпекулираше дека дошло до физичка пресметка меѓу Холанѓанецот и еден од членовите на израелската делегација, а Клајн не настапил на синоќешната генерална проба.