ХОРОР ВО ГАЗА: Најмалку 21 лице загина во нов израелски напад врз безбедната зона во Рафа

Најмалку 21 лице загина денеска, а десетици луѓе се ранети во нов израелски напад врз населбата Ал-Маваси во западниот дел на градот Рафа во јужниот дел на Појасот Газа, јавува Ал Џезира.

Новинар на Ал Џезира од терен, исто така, објави дека меѓу загинатите има најмалку 13 жени.

„Израелските сили нападнаа друг импровизиран шатор, каде повеќето луѓе беа жени и деца“, објави новинарот Хинд Худари.

Таа истакна дека во Рафа нема повеќе функционални болници.

„Во Рафа нема болници. Сите повредени и мртви тела се пренесени во Меѓународната болница на медицинскиот кор,” истакна таа.

Ал-Маваси е безбедна хуманитарна зона во која израелските власти им порачаа на Палестинците да се евакуираат.

Во претходниот израелски напад врз бегалскиот камп во Рафа во неделата, загинаа најмалку 45 лица, главно жени и деца, додека над 250 Палестинци беа ранети.

Тој напад се случи во близина на логистичката база на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA) во Тал ал Султан, а овој потег на Израелците беше осуден од меѓународната заедница.