Хорор во Индија: Најмалку 29 лица починаа, а повеќе од 100 се во болница откако беа отруени со нелегален алкохол

Најмалку 29 лица починаа, а десетици завршија во болница откако конзумирале нелегално произведен алкохол во јужната индиска држава Тамил Наду, изјавија денеска властите за локалните медиуми.

Инцидентот се случил во областа Калакуричи во државата, каде што повеќе од 100 луѓе се лекуваат од труење со алкохол во различни болници, изјави началникот на областа МС Прасант за новинската агенција PTI.

Тој рече дека бројот на луѓе во критична состојба постојано се менува, што укажува на тоа дека бројот на загинати може да се зголеми.

Официјален претставник на таа земја преку платформата Х изјави дека тие што го направиле тој алкохол се уапсени, а преземени се мерки и против службениците кои не го спречиле.

„Ваквите злосторства што го уништуваат општеството ќе бидат потиснати со железна тупаница“, рече тој.

Масовни труења се вообичаени во Индија

Масовните труења од нелегално сварен пијалок се чести во Индија, каде сиромашните граѓани поради финансиски причини не можат да купат легален алкохол во продавниците.

Незаконски сварениот пијалок се збогатува со мешање со хемикалии како што се пестициди или метанол. Ова производство е исклучително профитабилно за шверцерите кои не плаќаат даноци и продаваат огромни количини од своите производи на сиромашните по евтина цена.

Во 2022 година, повеќе од 30 луѓе починаа во источна Индија, откако наводно пиеле отровен алкохол продаден без дозвола, а во 2020 година, најмалку 120 луѓе починале од нелегален алкохол во северната индиска држава Пенџаб.