Храна што го намалува ризикот од деменција: Дури и ако имате предиспозиција за Алцхајмерова болест, не е сè изгубено

Медитеранската исхрана значително го намалува ризикот од Алцхајмерова болест, дури и кај луѓе со најсилна генетска предиспозиција.

Ново истражување објавено во угледното списание „Nature Medicine“ носи охрабрувачки вести –  медитеранската исхрана може значително да го намали ризикот од Алцхајмерова болест, дури и кај луѓе со највисок можен генетски ризик, пишува „Дејли меил“ .

Студијата ја спроведоа истражувачи од Универзитетот Харвард и болницата Масачусетс Џенерал Бригам, а анализираа над 4.000 жени во текот на 30 години, со дополнителна потврда на резултатите преку испитување на речиси 1.500 мажи. 
Фокусот на истражувањето беше на влијанието на медитеранската исхрана, богата со риба, зеленчук, интегрални житарки, јаткасти плодови и здрави масти, врз здравјето на мозокот и когнитивните функции.

Значајни физиолошки ефекти врз мозокот

Резултатите покажаа дека овој начин на исхрана:

  • го намалува воспалението во телото
  • ја подобрува функцијата на крвните садови
  • ја зголемува чувствителноста на инсулин
  • го намалува присуството на амилоидни плаки – штетни протеински наслаги поврзани со развојот на Алцхајмерова болест

– Оваа диета ги менува клучните биомаркери во крвта, што објаснува околу 40 проценти од вкупните придобивки што ги носи диетата – објаснува д-р Јукси Лиу, главен автор на студијата.

Генетскиот ризик не е пресуда.

Особено важен дел од истражувањето се однесува на луѓето кои носат две копии од генот APOE4, што им дава 90 проценти шанси да развијат Алцхајмерова болест . Спротивно на тоа, луѓето со една копија од генот имаат околу 30 проценти ризик, додека оние без генот имаат околу 9 проценти ризик.

Сепак, резултатите покажуваат дека дури и високиот генетски ризик не е непремостлив. Правилната исхрана може значително да ја намали веројатноста за развој на болеста, дури и кај оние кои го носат овој генетски профил на ризик.

Здрав начин на живот како превенција

– Ваквите препораки за исхрана треба да се применуваат кај целата популација, а особено кај луѓето со висок генетски ризик – вели д-р Ли.

Заклучокот од студијата е јасен – наследените гени не се единствениот фактор во развојот на Алцхајмеровата болест. Здравите животни навики, правилната исхрана и грижата за себе можат да имаат длабоко и трајно влијание врз зачувувањето на функцијата на мозокот, без оглед на генетското наследување.