Во текот на вчерашниот ден и ноќта голем број патници останаа заглавени на патиштата кон Лика и Горски Котар поради снегот и силниот ветер.
Вчера од попладневните часови сите патишта што го поврзуваат северот на Хрватска со Далмација се затворени за сите возила, а метеоролозите за денес издадоа предупредување да не се тргнува на пат.
Во текот на вчерашниот ден и ноќта голем број патници останаа заглавени на патиштата кон Лика и Горски Котар поради снегот и силниот ветер, поради што дел од патниците беа згрижени во текот на ноќта во прифатните центри во Грачац, Госпиќ, Обровац и Книн.
Според последните мерења, во Госпиќ се измерени 70 сантиметри снег. Поради исклучителните временски услови, во помош на жителите на Лика и Горски Котар пристигнаа припадниците на Хрватската планинска спасувачка служба.
Поради крајно неповолните временски услови предизвикани од снегот во Лика и Горски Котар, и силната бура со повремено олујни налети на крајбрежјето, во моментов нема слободен патен правец за ниту една група возила од правец на Далмација кон внатрешноста на земјата и обратно, соопшти денеска Хрватскиот автоклуб (ХАК).
Поради ветар и снег автопатот А1 Загреб-Сплит-Плоче меѓу клучките Свети Рок и Поседарје е затворен за секаков сообраќај, како и бројни државни и жупаниски патишта.
Државниот хидрометеоролошки завод најавува дека денеска во внатрешноста на Хрватска ќе биде облачно, повремено со слаб снег, позастапен на планините, додека на Јадранот променливо облачно со повремени врнежи од дожд, главно во Далмација, а во северниот дел, претежно во подножјето на Велебит, можен е снег и ветер.