– Пристапните преговори меѓу Европската Унија и Босна и Херцеговина (БиХ) се на пат да започнат кон крајот на оваа година или почетокот на 2024 година, изјави првиот човек на хрватската дипломатија, Гордан Грлиќ Радман.
„Можеме да очекуваме почеток на пристапните преговори меѓу Босна и Херцеговина и ЕУ, ако не до крајот на оваа година, што би било најдобро, тогаш сигурно на почетокот на следната година“, истакна Радман на Бледскиот стратегиски форум што се одржува во Словенија.
Босна и Херцеговина доби кандидатски статус изминатиот декември. Како што рече Грлиќ Радман, тоа испраќа силна порака, и додаде дека земјите од Западен Балкан можат да постигнат значителен напредок до 2024 година.
Вчера, во обраќањето на форумот, и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, ја повтори посветеноста на Блокот за проширување кон земјите од Западен Балкан до 2030 година, истакнувајќи дека ЕУ треба да биде подготвена за нови членки.
Дводневниот форум што се одржува во живописниот алпски амбиент на Бледското Езеро, е форум на претставници на политичкото, деловното и граѓанското општество од Централна и Југоисточна Европа.