Хрватска е новата Германија за нас: Околу 15.000 Македонци на печалба на Јадранот за плати од 2.100 до 2.800 евра

Агенција бара готвач или готвачка за работа на островот Крк во Хрватска за плата од 2.100 до 2.800 евра, во зависност од искуството. Ова се прилично високи плати за македонски стандард, со оглед на тоа дека работодавачот плаќа за сместување, работникот има обезбедени оброци и можност за постојано вработување по завршување на сезоната. За работа во ресторан на островот Брач се нуди плата од 1.500 до 1.800 евра за скараџија, 1.000 евра до 1.500 евра за келнер. За помошнички во кујна во Пореч се нудат 1.300 евра, а за готвач и скара-мајстор од 1.500 до 2.000 евра плата.

По завршувањето на пандемијата со корона-вирусот, неколку сезони по ред, најатрактивна дестинација за сезонските работници од Македонија е Хрватска, која полека го зема приматот од Германија, како земја во која одат на печалба нашинците.

Социјалните мрежи се преплавени со огласи за вработување на хрватската ривиера, кои нудат одлични услови за македонскиот стандард и плати речиси исти како и во западните земји на ЕУ. Оваа земја вработува најмногу македонски работници во секторот угостителство, а само во Дубровник има преку 500 угостителски работници од Македонија.

Една агенција за посредување при работа во странство веќе ги однесе првите работници за позициите келнер, помошник во кујна, градежник, тракторист и работник на фарма.

„За оваа сезона, почнувајќи од 1.3.2025 година бараме келнери, шанкери, собарки, готвачи, помошници во кујна и помошник готвач“, стои во огласот.

Друга агенција бара готвач или готвачка за работа на островот Крк во Хрватска за плата од 2.100 до 2.800 евра, во зависност од искуството. Ова се прилично високи плати за македонскиот стандард, со оглед на тоа дека работодавачот плаќа за сместување, работникот има обезбедени оброци и можност за постојано вработување по завршувањето на сезоната.

За работа во ресторан на островот Брач се нуди плата од 1.500 до 1.800 евра за скараџија, 1.000 евра до 1.500 евра за келнер. За помошнички во кујна во Пореч се нудат 1.300 евра, а за готвач и скара-мајстор од 1.500 до 2.000 евра плата.

„За сезоната лето 2025 година за Хрватска ни требаат угостителски работници. За Словенија ни требаат шанкерки, шанкери, келнери, помошници во кујна, пица-мајстор, за Австрија ни требаат девојки за продажба на сладолед, за Албанија готвач. Обезбедено е сместување и храна, плата по договор“, стои во друг оглас.

Професионален бармен од Македонија, кој неколку години по ред работи во Дубровник, вели дека условите за работа се одлични и дека досега не сретнал некој што не е задоволен.

– Во Хрватска има страшен дефицит на угостителски работници и затоа поголемите објекти и компании не можат да си дозволат да се коцкаат со персоналот, кој ќе си замине веднаш ако условите се лоши. Платите се движат помеѓу 1.200 и 2.800 евра.

Каде би заработиле во Македонија толку пари? Оваа сума е без бакшишот од кој живеат работниците, додека платите им остануваат чисти поради платеното сместување и храна. Има многу повеќе од 500 угостителски работници во Макарска, Сплит, Задар, Ријека, Истра, Ровињ и Пореч. Не ги бројам колегите што работат на островите “, истакна угостителски работник кој четири години по ред работи во Хрватска.

ГРАДЕЖНИШТВО И УГОСТИТЕЛСТВО ЗА МАКЕДОНЦИТЕ

Најчесто сите понуди од посредниците за работа се со обезбедено сместување, а кандидатите не плаќаат ништо за услугата, освен мала агенциска провизија. Оние работници што немаат искуство на сезонско работење во странство, ниту, пак, солидно познавање на јазикот на земјата во која одат, работат што било во првата сезона.

Според податоците на Хрватската служба за вработување (ЦЕС), во првите пет месеци од 2024 година, Министерството за внатрешни работи издало вкупно 93.786 работни дозволи, или 54 проценти од издадените во целата 2023 година. Повеќето од нив се однесуваат на вработување во туризмот и угостителството (31.442) и градежништвото (31.234).

Најголем број дозволи се издадени на граѓани на Босна и Херцеговина (18.503), Непал (15.922), Србија (14.325) и Индија (8.504). Следни, во однос на бројот на издадени дозволи: Северна Македонија (7.236), Филипините (6.232), Бангладеш (5.338), Косово (3.678) …

Најголемиот број издадени дозволи се однесуваат на подрачјето на три полициски дирекции: Загреб, Истра и Сплит-Далмација.

Во целата 2023 година, според официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи, издадени се 172.499 дозволи за престој и работа, од кои 112.981 дозвола се издадени за ново вработување.

Податоците на Министерството за внатрешни работи покажуваат дека најголемиот број странски работници, 68.912 од нив, биле вработени во градежниот сектор. Потоа следуваат туризмот и угостителството, каде што минатата година биле вработени 45.868 странци, индустрискиот сектор примил 24.034, секторот за транспорт и комуникации 11.497, а трговскиот сектор 5.126 странски работници.

Во 2023 година, најмногу странски работници во Хрватска дошле од БиХ, 38.236, по што следувала Србија, од која биле вработени 24.028 лица. Министерството за внатрешни работи објави податоци за 10-те земји од кои дошле најмногу луѓе, па на петтото место зад Непал и Индија е Македонија со 13.412 работници.

Променета е и структурата на работниците по занимања. Во 2021 година, меѓу 10-те најбарани занимања за странски работници имаше само две поврзани со туризмот, на 8-то и на 9-то место. Тие се „готвач“ и „келнер“. Во 2023 година, занимањето „келнер“ стана второ најбарано, „помошник готвач“ трето, а „готвач“, „чистач“, „помошник келнер“ и „доставувач“ беа меѓу 10-те најбарани занимања.

НЕДОСТИГ ОД РАБОТНИЦИ НА БАЛКАНОТ

Со оглед на вкупниот број вработени, странските работници почнуваат да сочинуваат голем дел од работниците во Хрватска. Во моментов, околу девет отсто од вкупниот број вработени во Хрватска се странски работници и може да се претпостави дека нивниот удел ќе расте.

Ова не е неочекувано, бидејќи странските работници најчесто вршат нискоквалификувани и физички тешки работни места во угостителството и туризмот. А невработените во Хрватска ги одбиваат овие работни места, што е очигледно од фактот дека побарувачката за нив е голема, а, сепак, работодавците не можат да најдат доброволни работници меѓу 110.000 невработени.

На Хрватска оваа година ќе ѝ бидат потребни околу 70.000 сезонски работници. Во земјата веќе се зголеми конкуренцијата за работници, со тоа што работодавачите нудат повисоки плати и подобри услови за работа во однос на соседните земји. Најплатени се готвачите што заработуваат од 1.500 до 2.000 евра со работно искуство над 5 години, келнерите во просек заработуваат од 1.100 до 1.500 евра, одржување на соби од 950 до 1.400 евра и други услужни дејности околу 1.100 евра во просек.

Во земјата веќе се зголемила конкуренцијата за работници, со тоа што работодавачите во Хрватска нудат повисоки плати и подобри услови за работа во однос на соседните земји. Проблемот се состои во тоа што македонските и други балкански работници што традиционално работат во Хрватска, во последно време ги избираат дестинациите со повисоки плати, а тоа доведува до недостиг од кадри за популарните летни туристички дестинации.

И на Албанија летово ѝ требаат повеќе од 2.000 работници, готвачи, келнери, шанкери, хигиеничари, но и возачи, туристички водичи и менаџери.

– Македонците што одат на сезонска работа во Албанија работат како келнери, шанкери, а има и собарки во хотелите. Платите во угостителството се за 20 отсто повисоки од македонските, пониски од оние што ги земаат сезонските работници во Хрватска, а на ниво на платите во Црна Гора и се движат од 800 до 1.000 евра, велат од агенциите за вработување во странство.

Во Грција, ситуацијата е слична, но разликата е во обемот на проблемот. Се проценува дека недостигаат дури 80.000 работници во секторот за туризам и угостителство, кои се клучни за грчката економија.

Грчките работодавачи се наоѓаат во жестока конкуренција за работници, особено на туристичките острови, како Крит и Родос, каде што постојано се јавуваат нови извештаи за „кражба“ на работници од конкурентите, кои нудат повисоки плати и подобри услови. Сепак, грчките власти се обидуваат да го решат проблемот преку законски и административни мерки, како што е легализацијата на околу 30.000 нерегистрирани мигранти и потпишувањето билатерални договори со земји, како Египет, Виетнам, Бангладеш и Индија за увоз на работна сила.

НА МАКЕДОНИЈА ЌЕ Ѝ НЕДОСТИГААТ 15.000 РАБОТНИЦИ

Во Македонија, иако туризмот и угостителството се значајни за економијата, работодавачите со години се соочуваат со проблеми во привлекувањето и задржувањето на работната сила. Многу од домашните работници, особено во угостителството, избираат да работат во соседните земји, како Хрватска и Грција, кои нудат повисоки плати и подобри услови за работа.

Работодавачите во Македонија, со надеж гледаат кон увозот на работници од земји, како Непал, Пакистан и Бангладеш, за да ги пополнат празните места за готвачи, келнери и за други сезонски работници. Овој тренд, од една страна, ги илустрира економските предизвици на регионот, додека од друга страна, ја отсликува демографската криза што ја погодува земјата, со сè повеќе млади што се одлучуваат да заминат во потрага по подобри животни и работни услови во странство.

Се проценува дека поради заминувањето на работниците на сезонска работа во странство ќе имаме недостиг од околу 15 илјади работници. Овој недостиг ќе го покриваме со увоз на работници од Непал, Бангладеш, Пакистан…

ЗА ПЕТ ГОДИНИ ЗАГУБА ОД 170.000 РАБОТНИЦИ

Македонија, за пет години, изгубила речиси 170 илјади работници. Само во првите три месеци од 2024 година, работоспособното население е намалено за 2.738 лица, а претпоставките се дека тој тренд продолжил, па дури и се забрзал во пресрет на летото, кога голем број македонски граѓани заминаа на сезонска работа во соседните земји и во Европа.

Минатогодишните проценки беа дека на земјата ѝ недостигаат околу 10.000 работници годишно, а најпогодени се градежништвото и туризмот.

Коренот на проблемот е во иселувањето и овој тренд, кој трае со децении, го испразни Балканот. Проценките се дека за 20 години од Македонија емигрирале околу 200 илјади граѓани, или 9 отсто. Се смета дека околу 2.500 високообразовани кадри, во периодот од 2013 до 2021 година, секоја година си ги пакувале куферите и заминувале од земјата.

Според извештајот на Интернационалната организација за миграција за 2020 година, Македонија се наоѓа во топ 20 земји во светот со најголема емиграција во странство, додека според проценките на Светска банка, речиси 40 проценти од високообразовниот кадар ја има напуштено државата.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во периодот од 2018 до 2023 година, бројката на активно население е намалена за 165.976 лица. Ако во 2018 година имало 957.623 работници, за пет години оваа бројка се стопила на 791.647. Само за три месеци од почетокот на годинава, земјата е покуса за 2.738 работници.