– Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во Карловац изјави дека во повеќе жупании во Хрватска сè уште трае заштитата од поплави поради високите водостои на реките, и дека слична, и полоша ситуација, се случува и во другите европски земји, јавува Анадолу.
Пленковиќ го посети Карловац, град во кој состојбата со поплавите е особено тешка со оглед на тоа што лежи на четири реки, поради што страда од високите водостои.
„Дел од градот е одбранет, особено оние делови од Карловац кои претходно беа во најлоша состојба. Штети има и во некои други делови, но на глобално ниво, можеме да кажеме дека ситуацијата во моментов е под контрола. Ја следиме ситуацијата и во другите жупании“, рече Пленковиќ.
Хрватскиот премиер истакна дека во повеќе жупании во Хрватска трае заштитата од поплави поради високите водостои на реките и дека е слична, ако не и полоша, ситуацијата и во другите европски држави, како што е Италија, каде што загинаа 13 лица, соопштено е од хрватската Влада.
На прашањето дали има пропусти на некои места, како на пример во Хрватска Костајница, каде што не е завршена изградбата на ѕидот, премиерот рече дека водостојот на Уна, според извештаите, бил над 5 метри.
„Со огромни напори и благодарение на придонесот на хрватската армија, тие успеаја да стават дополнителни вреќи покрај постоечките брани“, објасни Пленковиќ. Тој истакна дека и покрај сложената ситуација во Костајница, се прават чекори напред, додавајќи дека секогаш може подобро.
Прашан за долгорочните планови за одбрана на Карловац од поплави, премиерот рече дека се изградени 11 километри насипи, 12 километри се градат, и дека треба да се изградат уште 10 километри.
Најави дека утре на седницата на Владата ќе добие привремен извештај за целокупната состојба во Хрватска и дека Владата ќе помогне на одредени жупании во надоместувањето на предизвиканата штета.
На прашањето за обештетување на погодените од поплавите, хрватскиот премиер рече дека ќе ја разгледаат состојбата со причинетата штета и ќе помогнат колку што можат.
Пленковиќ нагласи дека се работи за енормни водостои и дека треба да се земат предвид глобалните климатски промени кои носат екстремни временски услови, обилни врнежи и големи суши, соопштено е од Владата
„Она што некогаш беше одбранбен стандард се менува еднаш на 100 години, тоа е целиот ефект на климатските промени“, истакна Пленковиќ и додаде дека тоа што се случува во Хрватска се случува и насекаде низ светот.