Христијан Мицкоски: “Али Ахмети и Талат Џафери да ја кажат вистината за содржината на УСБ-то и пликото што им било дадено“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговата изјава синоќа во интервју за телевизија Алсат-М кажа дека има докази за дејствувањето на оската ДУИ-СДСМ-Никола Груевски и оти можеби треба да им се освежи меморијата за пликоата кои ги добиваа со едно УСБ и Али Ахмети и Талат Џафери.
Христијан Мицкоски порача дека Талат Џафери и Али Ахмети треба да ја кажат вистината за содржината на УСБ и пликото што им било дадено.
„Па еве ќе ги прашате и Талат Џафери и Али Ахмети за содржината на тоа УСБ, на тоа плико и каков документ имало во тоа плико и јас ќе ги следам внимателно нивните изјави и внимателно ќе следам дали ќе ја кажат вистината. Еве да оставиме тие да ја кажат вистината, бидејќи тиe ги добиле два од трите документи“, нагласи Христијан Мицкоски при денешната посета на тетовска Брвеница.
Во врска со вчерашната средба со Гордана Јанкуловска, на новинарско прашање зошто еден ден вели дека се бори против криминалот, а веќе другиот ден се среќава сo осуден криминалец, тој кажа дека тоа е редовна средба со луѓе од партијата и од минатите и од сегашното раководство и тоа е пракса во изминатиот период.
„Јас можам да кажам дека Гордана е жртва на политички терор и тортура којашто е правена врз неа, врз нејзиното семејство, а вчера беше ден кога таа доби заслужен викенд. Бидејќи вчера почна викендот, имавме средба. Ќе ми биде чест и задоволство и следниот пат истото тоа да го направи. Можам да кажам дека, и не само таа, туку сите оние жртви на тортура и политички реваншизам од страна на владата на СДСМ и ДУИ, се добредојдени и за сите нив се бориме подеднакво како што е случајот и со Гордана“, одговори Христијан Мицкоски.
На новинарски прашања дека во дел од снимените разговори т.н. „бомби“ на СДСМ во кои гласот за кој се тврдеше дека е Гордана Јанкуловска најавуваше правење списоци за судии и влечење за уши за гласање, Христијан Мицкоски одговори дека повеќе сака да разговара за тоа што се случува денес, посочувајќи дека блиски луѓе на денешни политичари од власта возат скапи автомобили и имаат скап имот и дека за тоа ќе има одговорност.
„Многу работи слушавме во минатото, многу работи се случуваат и денеска, како на пример фамилии на политичари кои се водечки во владата, внуци, роднини, братучеди се возат со ‘мајбах’ автомобили, купуваат имот во центарот на Скопје од 30 милиони евра, како се делат тендери во четири очи, како ја пљачкосуваат Македонија и тоа е жално. А, тоа што се случувало во минатото, ВМРО-ДПМНЕ е шеста година во опозиција. Но, јас повеќе би сакал да разговарам за тоа што се случува денеска. Како 25-годишно момче има 30-милионски имот во центарот на Скопје, како сватови на многу моќен политичар возат ‘Мајбах’, ‘Ролс Ројс’ и имаат возен парк од неколку милиони евра, како се потрошија 200 милиони евра од буџетот, а лопата не е фрлена. Тоа е сегашност, а тоа што било во минатато ВМРО-ДПМНЕ шест години е во опозиција“, вели Христијан Мицкоски.