На граничниот премин „Богородица“, на влез во државава, царинските службеници спречиле обид за криумчарење на околу 18 килограми сребрен накит и 180 парфеми од 100 ml со вкупна вредност од 1,18 милиони денари.
„Против едно лице, косовски државјанин е поднесена и изречена пресуда од надлежен суд. Сребрениот накит и парфемите се откриени при контрола на автомобилот со кој сторителот патувал со својот брачен другар. При извршената контрола, во просторот за резервна гума биле пронајдени 180 машки и женски парфеми, додека во фабричка празнина позади задното седиште и просторот за резервна гума, како и во десната странична фабричка празнина на багажникот биле пронајдени вкупно 26 пакетчиња со вкупно близу 18 килограми сребрен накит (нараквици, обетки, синџирчиња, приврзоци и прстени)“, информираат од Царинската управа.
На македонската-грчката граница во Дојран, царинските службеници откриле три дела на повреда на право на интелектуална сопственост, при што запленети се 789 парчиња облека најголемиот дел со потписот на Валентино и 80 парчиња патики со потписот на Прада и Келвин Клајн.
Мобилните тимови на Царинската управа заплениле и 770 парчиња тренерки со потписот на ОYSHO поради сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост. Случајот бил откриен на царинска испостава Скопје 4 при преглед на стока за увозно царинење.Исто така биле запленети и 93 сета детски коли Мерцедес, со вредност од 301,7 илјади денари поради основано сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост. Случајот бил откриен при преглед на стока пријавена за увозно царинење во царинска испостава Тетово.
Во друг случај мобилен тим запленил и 120 парчиња играчки со лого на заштитени трговски марки кои биле откриени при преглед на стока за увозно царинење во Царинска испостава Скопје 3.
Царинските службеници и мобилен тим на граничен премин Дојран и на граничен премин Богородица, во три случаи спречиле и шверц на близу 300 парчиња облека.
27 штеки цигари без акцизни маркички биле пронајдени при контрола на два камиони-кипери со македонски регистарски таблички, пријавени за влез во државата на граничниот премин Меџитлија. Цигарите биле пронајдени во кабините, во фабричка празнина зад возачкото седиште како и под конструкцијата на креветот.
Алуминиумски бандажи и фарови за товарно возило биле пронајдени во товарно возило со норвешки регистарски таблички, управуван од македонски државјанин на граничен премин Ново Село.
„Македонски државјанин се обидел да шверцува осум делови за товарни возила кои се пронајдени во багажникот на автомобил со македонски регистарски таблички со кој македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат“, информираат од Царина.
Три машини и две маси за пекарска индустрија биле пронајдени во товарниот дел на товарно комбе со кое македонски државјанин се пријавил за влез во државата на граничниот премин Ново Село.
Запленети биле 43 маси откако мобилен царински тим при контрола на стока пријавена за увозно царинење во царинската испостава Блаце, утврдила дека истите не биле опфатени со царински документи.
„Во друг случај мобилен, во царински склад, при контрола на стока пријавена за увозно царинење, откри 13 парчиња употребувани кујнски апарати кои не биле пријавени со царинските декларации“, информираат од Царина.