ЦЕЛИОТ БАЛКАН ЈА БАРА ВАЊА ЃОРЧЕВСКА – Четири дена ниту трага, ниту глас од 14-годишната девојка: И Интерпол се вклучи во потрагата

Целиот регион, вклучително и Интерпол, се вклучи во потрагата по 14-годишната Вања од Скопје, која исчезна на 27. ноември на пат кон училиште.

Јавноста во Македонија е многу вознемирена од нејзиното исчезнување, имајќи предвид дека Вања Ѓорчевска исчезна во еден од најфреквентните делови на главниот град односно во Дебар Маало.

Полицијата ги објави нејзината фотографија и опис и ги истражува сите можни мотиви и причини за нејзиното исчезнување.

Девојчето е високо 175 сантиметри, тежи 58 килограми има темно кафеава коса, кафени очи, носи протези, има бенка на десната страна од лицето, а во моментот на исчезнување носела син џемпер, кратка црна јакна, црни фармерки со странични џебови и бели патики.

Фотографии од исчезнатата Вања Ѓорчевска се излепени низ целиот центар на Скопје со надеж дека некој од минувачите ќе има корисни информации за да се пронајде девојчето.

Последниот сигнал од нејзиниот телефон бил на булеварот „Партизанска“, спроти Универзална сала.

Во понеделникот, девојчето тргнало на училиште во 07:20 часот, а веќе било недостапно во 07:35 часот.

слика

Според зборовите на мајката Зорица, девојчето пред заминувањето било добро расположено и не се пожалило на никакви проблеми. Мајката тврди дека Вања Ѓорчевска не пријавила малтретирање, дека семејните односи не се нарушени и дека немаат непријатели.

Мислам дека е киднапирана. Вања насмеана излезе од дома, и дадов пари за појадок и таа отиде на училиште. Наставничката ми напиша дека не дошла на час, со неа сме во постојана комуникација и ја известив дека Вања не е болна. Вања е деветто одделение. Не излегува многу, има неколку пријатели и главно е дома. Ги проверивме сите нејзини профили на социјалните мрежи, ги имам сите нејзини лозинки и не најдов ништо сомнително. Вања не е таква девојка. Навистина се сомневам дека е киднапирана, не дај Господе да грешам. Да знаев дека побегнала и имам проблеми со неа, сигурно немаше да ме фати толкава паника. Се проверуваат и камерите, се се случи на пат од дома до училиште“, изјави мајката на Вања Ѓорчевска.

МВР соопшти дека веднаш по пријавата е покрената истрага и дека биле извршени низа разговори со луѓе блиски на девојката и биле прегледани камерите.

Вработените во локалното кафуле велат дека не виделе ништо, но полицијата ја зела снимката од нивните камери.

Фотографиите на Вања Ѓорчевска се споделуваат на социјалните мрежи низ целиот регион. Информации за нејзиното исчезнување беа објавени и на платформата Find Me, која е дел од мрежата Amber Alert во Европа.

Формиравме штаб во Скопје. Целосно сме посветени на пронаоѓањето на девојчето. Во постојан контакт сме и со семејството. Водевме низа разговори со блиски луѓе и луѓе кои биле во контакт со Вања. Информации и видео материјали се проверуваат и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, изјави Тони Ангеловски, портпарол на МВР.