Целосна забрана на TikTok во САД? Судот донесе конечна одлука

Американскиот апелационен суд го отфрли итното барање на “TikTok” за привремено блокирање на законот со кој се наложува на кинеската компанија “BiteDance” да ја продаде апликацијата за кратки видеа до 19 јануари или ќе се соочи со забрана за истата, објави денеска “Reuters”.

Во понеделникот, “TikTok” и “ByteDance” поднесоа итен предлог до Апелациониот суд на Соединетите Држави за округот Колумбија, барајќи повеќе време да го претстават својот случај пред Врховниот суд на САД.

Одлуката на Апелациониот суд во петокот значи дека “TikTok” сега мора да оди пред Врховниот суд во обид да ја запре најавената забрана.

Компаниите предупредија дека без правна постапка, “TikTok” – една од најпопуларните платформи во САД – ќе биде затворена според законот.

Законот, исто така, и дава на американската влада широки овластувања да забрани други апликации во странска сопственост кои би можеле да предизвикаат загриженост за собирањето податоци на Американците.

Високи републикански и демократски претставници во Комитетот за Кина на Претставничкиот дом на САД вчера им рекоа на извршните директори на “Apple” и “Alphabet” да бидат подготвени да го отстранат “TikTok” од нивните американски продавници за апликации на 19 јануари.

Минатата недела, Федералниот апелационен суд на САД го потврди законот со кој се бара од кинеската компанија “ByteDance” да ја продаде гореспоменатата социјална мрежа во САД, во спротивно ќе биде забранета.