ЦЕНАТА НА НАФТАТА ВО ПОРАСТ, А РАСТЕ И ТЕНЗИЈАТА ПОРАДИ КОНФЛИКТОТ ВО ЦРВЕНОТО МОРЕ – Нападот врз Хутите во Јемен предизвика шок на светскиот пазар ?
Цените на нафтата пораснаа откако Велика Британија и Соединетите Американски Држави извршија воени напади врз цели во областите во Јемен контролирани од Хути, додека тензиите во Црвеното Море продолжуваат да растат, јавува CNBC.
Европските берзански индекси денеска се во пораст, а цената на нафтата скокна за околу два отсто поради конфликтот во Црвеното Море. Индексот DAX на Франкфуртската берза денеска во 09:00 часот порасна на 16.676,10 поени, лондонски FTSE 100 на 7.620,93 поени, а францускиот CAC 40 на 7.411,22 поени. Московскиот MOEX падна на 3.179,29 поени.
Вредноста на американскиот берзански индекс Dow Jones се искачи на 37.711,02 поени пред денешното отворање на пазарот, како и вредноста на Nasdaq индексот на 14.970,18 поени, додека индексот S&P 500 падна на 4.780,24 поени.
Цената на златото порасна на 2.038,94 долари за унца (унца е еднаква на 28,35 грама), а цената на пченицата се искачи на 6,0581 долари за бушел (бушел е 27,216 кг). Вредноста на еврото во однос на доларот изнесуваше 1,09680, што е приближно исто како и вчера.
Претседателот на САД, Џо Бајден, истакна дека овие насочени напади се јасна порака дека САД и партнерите нема да толерираат напади врз нивниот персонал или да дозволат непријателските актери да ја загрозат слободата на навигација на една од најкритичните трговски рути во светот.
Иако САД извршија напади против ирански посредници во Сирија и Ирак по избивањето на војната во Појасот Газа, ова ќе биде првиот познат напад против Хутите поддржани од Иран во Јемен. Хутите напаѓаат бродови во Црвеното Море, гаѓајќи ги глобалните бродови, вклучително и оние од САД и Израел, како одмазда за војната во Појасот Газа во која досега загинаа речиси 23.000 луѓе во палестинската енклава.
На почетокот на декември, големите бродски компании престанаа да работат на маршрутите на Суецкиот канал и Црвеното Море, избирајќи наместо тоа да пренасочуваат преку јужна Африка. Ова резултираше со подолги и поскапи патувања што ги зголеми трошоците за морскиот транспорт.
Во телевизискиот говор во четвртокот, лидерот на јеменските Хути, Абдул-Малик ал-Хути, вети дека ниту еден американски напад врз групата нема да остане без одговор.