Цените на нафтата под 77 долари, се чека одлуката за американските царини

Цените на нафтата се задржаа под 77 долари на меѓународните пазари во петокот, при што вниманието на инвеститорите беше фокусирано на Вашингтон и неговите најавени царини за Мексико и Канада, како и на пораките до Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) и нејзините сојузници големи независни производители предводени од Русија да ги зголемат испораките.

На лондонскиот пазар цената на барелот во попладневното тргување беше речиси непроменета од вчерашното затворање на пазарот и изнесуваше 76,78 долари. Позначителни промени немаше на американскиот пазар каде со барел се тргуваше по 72,71 долари.

OPEC засебно денеска објави дека барел од референтната кошничка нафта на нејзините членки поевтинил за 14 центи на 79,38 долари во четвртокот.

Кон крајот на седмицата вниманието на трговците се сврте кон најавените американски царини за Канада, Мексико и Кина. Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека ќе воведе царини за канадски и мексикански увоз уште во сабота доколку Торонто и Мексико Сити не престанат со испораките на фентанил во САД.

Канада и Мексико се главните добавувачи на нафта за САД, но моментално не е јасно дали и тие ќе бидат опфатени со царините. Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот изјави дека наскоро ќе биде донесена одлука за нафтата.

„Царините најверојатно ќе резултираат со значително намалена обработка во рафинериите во САД“, потсетува Ливија Галарати од „Energy Aspects“.

Тамаш Варга од PVM, пак, посочува дека тие би можеле да имаат негативно влијание врз економијата, што би значело и послаба побарувачка на енергија.

Побарувачката би можела да биде попречена и од можното зајакнување на доларот доколку Вашингтон навистина воведе царини, намалувајќи ја куповната моќ на купувачите со други валути.

Пазарот го очекува и редовниот состанок на групацијата OPEC+, закажан за понеделник, 3-ти февруари. Казахстанскиот министер за енергија изјави во средата дека групата планира да разговара за плановите на Трамп за зголемување на американското производство и да заземе заеднички став.

Во исто време, американскиот претседател побара од OPEC да ги намали цените со зголемување на производството.

„OPEC најверојатно ќе го исполни барањето на САД за зголемување на производството за да се избегне гневот на Трамп. Тие, исто така, би можеле да објават постепено укинување на доброволните ограничувања за снабдување, ако не од април, тогаш од втората половина на годината“, смета Варга.