Цените на становите во Македонија растат, Славески: Ќе преземеме мерки, тоа е загрижувачки факт

Народната банка не е загрижена за зголемувањето на инфлацијата. Гувернерот Трајко Славески оценува дека таа е од сезонски карактер и очекува стабилизација.

Доколку ова не се случи, Народната банка ќе преземе мерки. Сепак, тој е загрижен за шпекулациите на пазарот на недвижности.

Славески предупредува на мерки во координација со други институции за ограничување на зголемувањето на цените на становите, но не открива за какви мерки станува збор.

Цените на становите во земјата, и во првиот и во вториот квартал од оваа година, се зголемија за околу 20 проценти.

„Би сакале да ги насочиме нашите активности кон јасна разлика помеѓу кредитирање станови или станбени згради кои се наменети за живеење, особено за млади луѓе, и кредитирање недвижнини кои претставуваат инвестиција или во некои случаи дури и шпекулации со очекувања за понатамошно зголемување на цените. Бидејќи сме свесни дека во моментот кога стан или куќа, наместо да биде живеалиште, станува предмет на шпекулации, можат да се појават сериозни социјални и економски проблеми“, рече Славески.