– Албанската централна изборна комисија го отфрли барањето и не го регистрира за учество на локалните избори крилото на опозициската Демократска партија, предводено од Сали Бериша.
И делот на партијата предводен од Енкелед Алибеај сеуште не е регистриран иако судот одлучи дека ним им припаѓаат печатот и логото на партијата.
Комисијата му ја врати документацијата на Алибеај, кој е вршител на должноста претседател откако Љуљзим Баша пред една година си поднесе оставка.
Имено, комисијата, како што образложува, бара пријавата да биде потпишана од Баша, затоа што во судскиот регистар сеуште фигурира како прв човек на партијата.
Веднаш по отфрлање на пријавата од страна на ЦИК Бериша достави приговор до Комисијата за поплаки и санкции која е компетентен орган за разгледување и определување санкции за кршење на изборниот законик.
Од друга страна Алибеај документацијата повторно ја достави до ЦИК со образложение дека по оставката на Баша тој е избран од партијата.
Според медиумите пак и покрај тоа што се доведува во прашање учеството на партијата на изборите Баша сеуште не се огласил.
За изборите што ќе се одржат на 14 мај регистрирани се педесетина политички партии меѓу нив Социјалистичката на Еди Рама, Партијата на слободата на Илир Мета, како и партиите на македонското и грчкото малцинство.
Минатите избори ги бојкотираше здружената опозиција предводена од Баша, па од 61 општина дури во 60 градоначалници беа избрани кандидати на Социјалистичката партија а само во Финиќ од грчката партија МЕГА”.