Во рамките на апелот на Црвениот крст на Република Македонија за поддршка на погодените од катастрофалниот пожар во Кочани, во периодот од 16.03.2025 до 16.06.2025 година, собрани се вкупно 153.931.166 денари. Црвениот крст на Република Македонија во неколку наврати изврши исплати на погодените од пожарот во Кочани.
Како што соопшти Црвениот крст, со најновиот денешен трансфер се исплатени средства за 156 лица, додека во наредните денови ќе бидат префрлени средства за уште 11 лица.
„Со денешниот последен трансфер на 17.06.2025 година, исплатени се средства на 156 лица, поделени во 5 категории, врз основа на проценката на степенот на повредите и прогнозата за нивно понатамошно лекување, направена од работната група на Министерството за здравство, во вкупен износ од 39.750.000,00 денари. Во наредните денови, трансферот на средства ќе се изврши и за уште 11 лица за кои мора да се обезбедат потребните документи, имено изјави и согласност за користење на лични податоци, бидејќи овие лица досега не се вклучени во исплатите. Вкупниот износ на префрлени средства на засегнатите, заклучно со 17.06.2025 година, изнесува 147.199.101,00 денари“, се вели во соопштението на Црвениот крст.
Оттаму најавуваат отворање на Регионалниот центар за ментално здравје и психо-социјална поддршка во градот Кочан, кој со своите активности ќе ги покрие потребите на населението во источниот дел од земјата.