Црногорската полиција денеска го уапси 65-годишниот Д.В. од северот на земјата, откако тој со нож нападнал и ранил лекар-невропсихијатар кој не сакал да му издаде потврда за носење оружје, јавија локалните медиуми.
Според директорот на Општата болница Саша Грбовиќ, докторот Илхан Турсумовиќ се здобил со убодна рана во пределот на стомакот и расекотини на рацете и градниот кош.
„Животот на Турсумовиќ не е во опасност и во моментов му се укажува лекарска помош“, изјави Грбовиќ.
Според неофицијални информации, го нападнал лекарот поради тоа што тој ден претходно одбил да му го потпише лекарското уверение за носење оружје.
Инцидентот го потврди и црногорската полиција, која преку соопштение наведува дека Д.В. „најпрво физички, а потоа со употреба на ладно оружје-нож, нападнал лекар во Општата болница во Пљевља и го повредил.
Според статистиката на црногорското Министерство за здравство од август, дури 11 отсто од црногорските медицински работници од почетокот на годинава биле изложени на физички напади. Истото истражување покажало дека дури 95 отсто од лекарите од итната медицинска помош доживеале вербален напад.